Елмас веќе има нов тренер, се чека потврда од Наполи

50

Наполи синоќа го отпушти Карло Анчелоти откако обезбеди пласман во осминафиналето во Лигата на шампионите.

Последните недели беа исклучително турбулентни за овој италијански тим, а пишувањата дека Карло Анчелоти ќе добие отказ се обвистинија по синоќешната убедлива победа над Генк со 4:0.

Веста дека Анчелоти е веќе поранешен тренер на Наполи беше потврдена кратко по натпреварот, а по нов тренер во Неапол се чини дека нема да трагаат долго.

Медиумите во Италија тврдат дека на местото на Анчелоти ќе пристигне Џенаро Гатузо кој денеска попладне би требало да биде официјално именуван.

Гатузо наводно со Наполи се договорил за соработка до јуни 2021. година, според кој во следните шест месеци би требало да заработи 1,5 милиони евра, додека потоа неговата плата би изнесувала 3 милиони евра по сезона.

Во изминатиот период името на Гатузо се поврзуваше со неколку клубови, вклучително Фиорентина, Џенова и Сампдроија, но секоја понуда ја одби чекајќи ја онаа вистинската.

Претходно во својата кариера ги тренираше Милан, Палермо, Сион, Пиза и ОФИ Крит.