Екс српскиот шеф на МВР ја шокираше јавноста: Беливук беше ортак на братот на Александар Вучиќ

301

Апсењето на Веља Невоља и неговите соработници е една од најголемите полициски акции, и во таа акција, која беше долго подготвена од страна на полицијата и припадниците на БИА, падна еден од најголемите криминалци во Белград, кој стана сериозна закана за српската државата со своите злосторства.

Потенцијалното вклучување на странски служби кои цело време ги поддржуваа активностите на Беливук, но и помошта на припадниците на полицијата и одредени политичари со кои беше поврзан Веља Невоља, ги коментираше водачот на радикалите Воислав Шешељ, кој прв алармираше, неколку дена пред апсењето на Беливук, дека се подготвува напад врз државниот врв на Србија, со цел да се предизвика хаос во земјата.

Не би ја исклучил ниту едната и другата можност, не сум толку добро информиран за истрагата, но пред извесно време реков дека Мило Ѓукановиќ планирал атентат врз српскиот претседател Вучиќ со цел да предизвика хаос во Србија, рече Шешељ.

Исто така се појави информацијата дека еден снајпер е набавен во Црна Гора, мислам дека не е само еден снајпер, туку неколку снајпери, а исто така мислам дека Мило, кој е многу опасен, за да ја оствари таа цел нема да проба само со една екипа, туку со неколку екипи, рече Шешељ за српските медиуми.

Апсењето што ја потресе цела Србија нема да заврши со ова. Експертите сметаат дека полицијата и БИА сигурно нема да запрат сè додека не бидат фатени сите соучесници и помагачи на Веља Невоља, човекот што успеа да направи држава во држава. За среќа, тој беше запрен, бидејќи, очигледно, се подготвуваше да го зададе последниот удар, вели Шешељ.

Добро познатиот адвокат Божо Прелевиќ, и поранешен министер за полицијата во владата која беше формирана по 5 октомври 2000-та и рушењето на Слободан Милошевиќ, во разговор за српскиот портал Нова истакнува дека е јасно дека централната личност во случајот со апсењето на водачот на навивачите Вељко Беливук или Веља Невоља и член на неговата криминална група, е Андреј Вучиќ, брат на српскиот претседател Александар Вучиќ.

Во разговорот за тој портал, Прелевиќ истакна дека постои поврзаност помеѓу групата на Вељко Беливук и поранешниот Земунски клан.

Пред неколку месеци реков дека сè уште постои Земунскиот клан и дека тука се Душан Спасојевиќ и Миле Луковиќ, само што тие не се нарекуваат така. Постојат кланови кои ги прават истите работи што ги работеле Земунците. Јас тогаш реков дека тие се истите креатори на овој или на оној клан, односно политиката и безбедносната служба стојат зад нив или зад тие кланови. Исто така, заштитата на тие кланови е иста, рече Прелевиќ.

Пред Земунскиот клан го имавме Жељко Ражнатовиќ Аркан, кој беше лидер на навивачите и на паравоената формација. Потоа го имаме атентатот врз Аркан, а потоа и зајакнувањето на Сурчинскиот и Земунскиот клан. Потоа доаѓаме до полициската акција Сабја и сега го имаме засилувањето на овој клан, кој всушност учествува насекаде. Ги гледате тие ликови на инаугурацијата на претседателот, ги гледате тие ликови околу синот на претседателот, ги гледате како влегуваат во Бетон сала и го демолираат клубот, гледате како им исчезнуваат трагите од ДНК, вели Прелевиќ и додава:

Според мене, централна фигура во целата приказна е Андреј Вучиќ, братот на претседателот Александар Вучиќ. Проблемот настанува кога левиот познаник, кој решава сè насилно, се кара со десниот познаник Андреј кој сè решава со пари. И тука имаме проблем кој станува голем за владата и владата вели „добро, сега треба да го решиме ова“, вели познатиот адвокат.

Тој исто така посочува дека сето ова се случува под будното око на меѓународните фактори, што е дополнителен сигнал дека проблемот мора да се реши.

Другата работа што го забрзува решавањето на тој проблем е што сите меѓународни фактори можат да видат за што станува збор и да сигнализираат дека тоа мора да се реши. Значи, тука имаме конфликт помеѓу левиот и десниот партнер на Андреј Вучиќ, и тогаш не можете да бидете добри со двајцата, ако тие имаат вперени зољи едни на други. Тогаш ќе мора да се одлучите кој ортак на Андреј Вучиќ ќе го спасите, а кој негов ортак ќе го пуштите низ вода, вели тој.

Може да ве интересира:

(Видео) Кога Србија прв пат слушна за Беливук и како стана лидер на Гробарите

https://www.mkvesti.mk/video-koga-srbija-prv-pat-slushna-za-belivuk-i-kako-stana-lider-na-grobarite/