Ако имате црвена или жолта налепница на автомобилот, нема да смеете да возите во одредени градски региони со цел да не загадувате. Но, до одредена дестинација нема да можете да стигнето ни со автобус, бидејќи мерката ќе го погоди и јавниот транспорт, вклучително автобусите на ЈСП и приватните, пишува Радио Слободна Европа.
Еколошката категоризација на возилата ќе го ограничи движењето на автомобилите кои ќе добијат жолта или црвена налепница. Тие за време на високо аерозагадување ќе имаат забрана за возење во одредени региони и во тој случај сопствениците на овие автомобили ќе треба да возат велосипед, да одат пеш, да повикаат такси или да се качат во автобус.
Но, предложениот закон важи за сите возила, а еколошки налепници ќе треба да добијат и автобусите на ЈСП, како и оние на приватните сопственици, потврдуваат од Министерствто за економија кое е предлагач на Законот.
Доколку биде така, познато е дека автобускиот превоз во голем дел не ги задоволува еколошките стандарди. Над 70 отсто од регистрираните автобуси се постари од 10 години и во таква ситуација проблем ќе биде зголемениот број на патници кои ќе имаат потреба од јавен трнаспорт, бидејќи нема да смеат да ги возат своите автомобили.
Еколошките налепници за возилата веќе влегоа во собраниска процедура. На собраниската Комисија за економски прашања, пратениците разгледуваа повеќе податоци, вклучително и оној дека од вкупно 3.500 регистрирани автобуси во земјава, над 2.500 се постари од 10 години.
Од друга страна, статистичките податоци покажуваат дека просечната старост на возилата во Македонија е 18,7 години. Од 400.000 регистрирани возила, 340.000 се постари од 10 години и според предложената категоризација тие ќе треба да добијат налепница со црвена или жолта боја.
Ако анализите покажуваат дека луѓето се почесто користат автомобил, тоа значи дека многу сопственици на стари авомобили ќе мора да се возат со автобус во услови на високо аерозагадување.
Некои од мислењата на пратениците во Собранието беа дека законот треба да се доработи, а беше истакнато и дека е потребно да се додаде четврта еколошка налепница за возилата на јавните претпријатија, за оние на брзата помош, противпожарните и други.
Од Град Скопје на нашето прашање не коментираат за „опфатот на промените“ во Законот за возила, упатувајќи на Министерството за економија.
Од таму посочуваат дека уште во ноември 2017 покренале иницијатива за мапирање на возила по еколошка категорија, како што наведуваат, неопходни за спроведување и на други мерки против загадениот воздух, како воведување на еколошки зони.
Најавена набавка на плински автобуси
Автобускиот превоз последен пат беше модернизиран во 2011 година со 200 нови украински и кинески автобуси кои чинеа околу 40 милиони евра, но и тие трошат 43 литри дизел на 100 километри, а дневно поминуваат по 300 километри. Тука се поставува прашање дали и колкаво ќе биде ограничувањето на движењето на овие „нови“ автобуси и какви еко стандарди исполнуваат?
Во меѓувреме, Владата соопшти дека усвоила Предлог-Закон со кој државата ќе гарантира за договор за заем за набавка на нови автобуси за Град Скопје, склучен меѓу ЈСП и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
Заемот од ЕБОР ќе изнесува 10 милиони евра, а два милиони евра ќе обезбеди ЈСП. Со 12 милиони евра се планира набавка на автобуси на природен гас, велат од Владата.