Екологистите бараат да не се гради тешка индустрија во Гази Баба

132

„О2 коалицијата за чист воздух“ информира дека испратиле барање до градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, претседателот на Советот, Тони Бојковски, и советниците, веднаш да го прекинат јавниот повик за изградба на Г1 – тешка и загадувачка индустрија со давање под долготраен закуп на 99 години градежно земјиште во сопственост на РМ.

Според нив, нов индустриски комплекс на овој потег во голема мера ќе ја влоши и така страшната состојба со аерозагадувањето, само ќе долее масло во чашата која е веќе прелеана и ќе го зголеми бројот на заболувања што загадениот воздух ги предизвикува: кардиоваскуларни, срцеви и мозочни удари, рак, респираторни, имунолошки нарушувања, итн. и со тоа ќе ја зголеми смртноста од аерозагадувањето.

„Знаејќи дека аргументите, кои би требало да бидат доволни сами по себе, се доволни во нашава држава и дека уставното право на здрава животна средина е загрозено, минатата недела до Уставниот суд поднесовме иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката за донесување на овој ДУП за градската четврт С 17 блок 1, општина Гази Баба. Очекуваме Уставниот суд позитивно да се произнесе по неа, како што впрочем тоа го направи и со нашите четири иницијативи за ДУП-ови во општина Карпош поднесени од нас.

Поради можностите за финансиски штети што Општината ќе ги сноси доколку не го прекине огласот според оспорениот ДУП, бараме да го прекине јавниот повик и го стопира процесот до конечната одлука на Уставниот суд“, информираат од Коалицијата.

Тие ја повикуваат Општина Гази Баба да го извести Уставниот суд за пропустот што е направен од претходната локална власт, со што ќе го забрза процесот на донесување конечна одлука и ќе покаже решеност да работи во интерес на здравјето на граѓаните од општината и законски, а не во интерес на профитот од изнајмување простор на индустрија на која не ѝ е местото во нашата презагадена урбана средина.

loading...