Во ова време на прослави и мноштво новогодишни желби, јас ќе ви посакам нешто невообичаено. Мојата честитка доаѓа од едно место кое би сакал да го запознаете. Прочитајте ја и ако ви се допадне, споделете ја и со другите. Со тоа би можеле да пратиме порака, да создадеме бран на позитивност кој ќе ни служи како патоказ и влезница во светот во кој би сакале да живееме.
Нема да ви посакам среќа, затоа што луѓето различно ја разбираат среќата. Наместо тоа, јас ќе ви посакам тишина, затоа што тишината е местото каде што настанува среќата. Би сакал вашите сопствени желби да ве доведат до тишината која постои длабоко во вашата свест. На тоа место ќе пронајдете сѐ што ви е потребно за да бидете среќни.
Би можел да ви посакам мир (да, тоа од сѐ срце ви го посакувам-, но како ќе го постигнете ако не ја познавате тишината која се наоѓа во вас? Затоа ви посакувам средба со неа! Годината која е пред вас нека донесе тишина во вашиот живот. Затоа што мирот ја следи тишината како утрото што го следи Сонцето.
Кога мојата желба би можела да ви даде сила да ги совладате сите препреки и неволји, јас силно би го посакал токму тоа! Но, никој не може да ви даде сила, морате сами да ја пронајдете. И таа се наоѓа на тоа тивко место во вашата душа, на местото кое упорно го избегнувате. И затоа сакам оваа година да го пронајдете тоа место. Кога ќе го направите тоа, вие ќе бидете непобедливи, а секоја препрека пред вас ќе биде само една нишка во ткаењето на вашите постигнувања.
Не ми паѓа на памет да ви посакам многу пари, затоа што тие никогаш не усреќиле никого. Наместо тоа, ви посакувам изобилство тишина, затоа што тишината е место од кое сѐ останато извира. Целиот Универзум е создаден од тишина. Барајте ја тишината, тој тивок извор во вас и сѐ останато ќе дојде само по себе.
Би можел да ви посакам мудрост, затоа што тоа сигурно ви е потребно. Но, ни тоа нема да го направам, затоа што вашата мудрост доаѓа од тивкото средиште во вас. Не е можно да бидете мудри без да ја познавате таа тишина.
Би било убаво да ви посакам здравје, но тоа ќе биде празна желба доколку вие самите не разбирате од каде доаѓа. Истиот корен на тишината кој ги храни вашите постигнувања и ви носи радост, го храни и оддржува вашето тело. Не си го правете на себе она што коренот не би го правел со гранките на своето дрво. Слушајте го своето тело, затоа што тоа постојано ви шепоти зборови за здравје. Ви посакувам доволно тишина за да го чуете тој шепот.
И на крај, онаа најголема од сите желби – желбата во вашето срце да живее љубов.
Можеби не сте забележале, можеби ве збунив, но всушност тоа ви го зборувам цело време. Што е љубовта ако не нашиот најдлабок корен. Како ќе ја нарекуваме љубовта со кое било име, ако таа не допира длабоко, длабоко до самиот извор кој ги спојува сите луѓе и сите живи битија на овој свет?
За да сакате, чисто, искрено и вистински, морате да ја познавате тишината на своето сопствено срце. Од неа, од невидливата длабочина на човековата душа, настануваат и среќата, мирот, силата, изобилството, мудроста, радоста и здравјето. Тој извор, таа тишина, тоа е љубовта на која сѐ уште не сме ѝ дале име.
Запомнете, љубовта, како и вистината, убавината или сочувството, немаат име, род, пол, раса или националност. Љубовта е сила која најмногу не спојува во тишина.
И баш поради тоа, од сѐ срце ви посакувам тишина. Ако доволно ја познавате, од неа ќе израсне вашиот живот, токму онаков каков што го посакувате.