Џеки Кенеди е главниот виновник за тоа што е Миконос денес!

969

Миконос беше само уште еден грчки остров сè до доаѓањето на Џеки Оназис Кенеди во далечната 1961. Остров за кој малкумина знаеа – недопрени диви плажи и мирен начин на живот во кој уживаа локалните жители, тоа беше Миконос до моментот кога Џеки Кенеди реши да купи куќа во ова рајско место. Од тогаш, цената на земјиштето ескалираше со брзина на светлината, а новите куќи на Миконос почнаа да никнуваат како „печурки после дожд“.

Да, Џеки Кенеди е главниот виновник за тоа што е Миконос денес.

Бела Хадид, Џорџо Армани, Роналдињо, Хју Џекмен и многубројни модели на Victoria’s Secret низ годините биле забележани како ги минуваат своите летни одмори на ова монденско место. Еве што да јадете, пиете и како да се забавувате ако сакате да застанете рамо до рамо со овие селебрити фаци.

Spilia на грчки значи пештера и ова место одлично се вклопува во целиот концепт на ресторан и коктел бар во внатрешноста на карпестата формација на плажата Agia Anna. Влезот во ресторанот е преку крајбрежјето, а како опција постои и пристигнување со јахта. На ова место во една прилика гостувал и Леонардо Ди Каприо.

Со поглед кон прекрасното тиркизно море на крајбрежјето на Панормос, можете да наидете на бутици, маркети како и бугац, еден од најпознатите десерти кој мора да го пробате. Дестинација која е препознатлива по cabanas рестораните кои ја слават медитерантската кујна и таверните за традицонално грчко уживање. Една од нив е малата таверна со поглед кон плажата Агиос Состис, Кики Таверна. Вкусете го одличното свинско месо и цазики.

Богатите и познатите кога летуваат на Миконос постојано го посетуваат Psarou beach club кој се наоѓа во Намос. Тука можете да порачате Дом Перињон и да уживате како вистинска ѕвезда, да танцувате на најголемите летни хитови.

Алемагу има бохо стил, и по неговиот изглед и однесување, па затоа ова место се гордее со максималната релаксација која може да Ви ја овозможи. Совршено место за гледање на зајдисонцето, а и можеби рајот за сурферите со оглед на брановите кои ги предизвикува ветрот.

Градот Миконос може да Ви понуди незаборавно искуство. Не постои ништо кое можеме да го споредеме со тесните, калдрмани улици на градот Миконос. Ќе наидете на мали бутици и продавници за накит, сувенири, ресторани, уметнички галерии, па дури и по некоја модна куќа.