„Двете победи од Скопје немаат врска со овој натпревар против Чиле“

74

Македонската ракометна репрезентација игра „за својот живот“, на Светското првенство во Египет. Добро е што при ваков императив, противник ни е Чиле, а не некоја ракометна велесила. Сепак, нашите репрезентативци покажаа дека самодовербата и концентрацијата не им е најсилна страна на Мундијалов, па ќе влезат претпазливо во овој решавачки меч (15.30 часот), без разлика што истиов противник двапати рутински го победивме во Скопје пред заминувањето за Каиро.

До еден ден пред почетокот на Светското првенство во Египет, на хартија стоеше дека последен мундијалски противник за ракометна Македонија е Чиле. На собирот во Германија и во Данска игравме со Јужноамериканците на затворањето од нашиот настап и со судни маки ги совладавме со 32-30, за да завршиме на 15. место. Не беше тоа меч за никакви херојски достигнувања, „само“ за честа.

Две години подоцна судбината ни даде шанса, сепак, да се појавиме одново на планетарен собир и сега повторно играме против Чиле за достоинството. Дури не е ни толку важен пласманот во втората фаза, кој доаѓа како бонус ако победиме. Вистинската придобивка е што ќе си го зачуваме образот. Затоа, мора да бидат вклучени многу емоции, но да се надеваме овој пат тие ќе бидат позитивно гориво за нашите ракометари

„Мора добро да се подготвиме. Нема да биде лесно, ќе треба голема борба. Мора малку и емоции да покажеме, ако не е така, ќе биде многу тешко“, рече Марио Танкоски и не заборави да потенцира дека тоа што го победивме истиов Чиле во Скопје не треба да нè опушта. „Двата натпревари во Скопје немаат врска со тој овде. Ќе имаме поголем притисок, ова е официјален натпревар, ќе нè гледа цела Македонија“, дополни средниот бек на Е. Пелистер.

И голманот Мартин Томовски се согласи дека овој натпревар ќе биде поинаков. Колку и да ги познаваат Чилеанците, важно е да ја дотераат нашата игра, да не биде онаа искривена слика од Шведска и од Египет.

„Тие две победи од Скопје не треба да нè залажат, сега е официјално. Горе-долу ги знаеме нивните предности и слабости, но треба да се фокусираме на нас, да одработиме тоа што ни е зададено и да дадеме сè од себе. Да прикажеме една друга слика од првите два меча, со Шведска и со Египет“, рече Томовски.

Натпреварот почнува во 15.30 часот, а во исто време ќе се сретнат Русија и Јужна Кореја. Русите се веќе сигурни наши противници во втората фаза, ако се пласираме таму. За тоа е потребна само победа над Чиле. Никакви математики.