Меѓу документите коишто агентите на Федералното биро за истраги (FBI) ги заплениле на имотот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп на Флорида, бил и документ во кој се опишани одбранбените способности на една земја, вклучително и нејзините нуклеарни способности, извести The Washington Post, кој се повикува на извори запознаени со темата.
„Документот кој ги опишува воените сили на странска земја, меѓу кои и нејзините нуклеарни капацитети“, е пронајден меѓу многуте документи кои американската сојузна полиција ги нашла во истрагата во одморалиштето на поранешниот американски претседател, пишува весникот.
Весникот споменува дека негови извори се личности тесно запознаени со истрагата, но не наведува за која држава станува збор во документите, ниту дали таа земја е непријателска или пријателска кон САД.
Според написот, некои од пронајдените материјали ги опишуваат строго тајните американски операции со многу поединости и детали кои дури и високи функционери за национална безбедност ги немало видено, а пристапот до тие податоци ги имале само претседателот и ограничен круг функционери на администрацијата.
Адвокатите на Трамп и претставници на американското Министерство за правосудство не биле достапни за коментар на тврдењата на весникот, пренесува Reuters.
Според судските документи, FBI запленил повеќе од 11.000 документи и фотографии при претресот спроведен на 8-ми август на имотот на Трамп во Мар-а-Лаго на Флорида. Меѓу нив 18 документи се класифицирани како „со врвна тајност“, повеќе од 50 како „тајни“ и 31 како „доверливи“.
Во текстот на The Washington Post се наведува дека некои од документите содржат податоци за американски операции во странство класифицирани како „строго тајни“, на коишто не можат да им пристапат дури ни лица со овластувањата за пристап до такви податоци, туку за нив мора да поседуваат специјални овластувања. Пристапот до некои од овие документи толку бил ограничен, што дури ниту некои од функционерите за национална безбедност на сегашниот претседател Џо Бајден не се овластени да ги прегледаат.
Американското Министерство за правосудство ја покрена истрагата против поранешниот републикански претседател, која Трамп ја нарече „продолжен лов на вештерки“ од страна на демократите, бидејќи тој наводно заминувајќи од Белат куќа во јануари 2021 година земал документи кои подоцна се најдени на Мар-о-Лаго. Таборот на Трамп тврди дека станува збор за вообичаена практика на американските претседатели кога станува збор за документи од кои е симната ознаката за тајност, кои подоцна новата администрација повторно ги класифицирала како доверливи.
Во понеделникот сојузниот судија го прифати барањето на Трамп да именува независен стручњак кој ќе ги прегледа документите запленети во текот на истрагата и претресот на FBI, што веројатно ќе ја продолжи истрагата.