Дивеење на патиштата: Полициски радар фати автомобил кој „леташе“ со 212 км/ч на автопатот Гостивар – Тетово

528

Дивеењето на патиштата ширум земјава стана секојдневие, а денеска од МВР информираа дека сообраќајната полиција на автопатот Гостивар – Тетово фати возач кој со својот автомобил се движел со брзина од 212 километри на час.

Пречекорување на дозволената брзина, возење во алкохолизирана состојба и учество во сообраќај без возачка дозвола се само некои од „нормалните појави“ во Македонија, а последната акциска контрола на СВР Тетово можеби и треба да го отвори прашањето за заострување на казните во сообраќајот.

Имено, полициски радар во текот на вчерашната акциска контрола за брзо возење на МВР, на автопатот Гостивар – Тетово открил возач кој со својот автомобил се движел со брзина од 212 километри на час, додека максималната дозволена брзина изнесува 80 километри на час.

„Во акциската контрола вкупно биле откриени и законски санкционирани 101 возач кои ја пречекориле дозволената брзина на тетовското подрачје. Исто така, во текот на вчерашниот ден во овој период реализирана е и акциска контрола за управување возила под дејство на алкохол. Во оваа акција санкционирани биле четири возачи кои управувале возило со присуство на алкохол повеќе од дозволеното“, изјави портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

Акциската контрола траела од 12 до 20 часот, а меѓу другото биле констатирани и 32 други прекршоци.