Едно лице од американската сојузна држава Њу Хемпшир е уапсено откако на забава по повод откривање на пол на бебе, организирана во каменолом, детонирал 36 килограми експлозив и предизвикал мал земјотрес.
Забавата на која семејство од Њу Хемпшир го открило полот на бебето била толку „експлозивна“, така што предизвикала земјотрес кој се почувствувал во соседната сојузна држава.
Полицијата од Кингстон, град во близина на границата со Масачусетс добила дојава за голема експлозија која се слушнала од каменоломот Тормео. Кога пристигнале на местото на експлозијата, полицајците затекнале забава за откривање на полот на бебето.
Полицијата соопшти дека организаторите детонирале 36 килограми експлозив, а семејството сметало дека каменоломот е најбезбедното место за нивната „забава“. Жителите кои што живееле во близина пријавиле дека нивните куќи им се затресле од силината на експлозијата, а била причинета и помала материјална штета.
Gender reveal explosion at New Hampshire quarry rattles towns in 2 states https://t.co/0wA7TMxrX2 pic.twitter.com/7ZCubXZzd8
— The Oregonian (@Oregonian) April 22, 2021
За среќа никој не бил повреден во големата експлозија, а полицијата го откри и полот на бебето – станува збор за машко.
Оваа експлозија е само последната во низата на бизарни журки по повод откривање на полот на бебето кои во последните неколку години се прилично популарни во САД. Во март, двајца пилоти го загубија животот откако нивниот авион се сруши во морето додека испуштаа розева боја за да откријат дека станува збор за девојче.
Минатата година на слична забава во Калифорнија машина за чад предизвика пожар кој потоа ја зафати околната шума и уништи повеќе од 2800 хектари, а во април 2017-та година, пограничен агент направи штета во Аризона во вредност од 8 милиони долари откако испука сино обоени експлозивни супстанци за да најави дека ќе биде татко на машко дете.