Дали поразот на Ѓукановиќ значи победа на СПЦ? (ФОТО+ВИДЕО)

622

Од 98,55 обработени гласови од изборите во Црна Гора, Демократската партија на социјалистите на досегашниот претседател Мило Ѓукановиќ освои 35,12 отсто од гласовите, односно 30 мандати, а коалицијата „За иднината на Црна Гора” 32,52 проценти од гласовите, односно 27 мандати.

Коалицијата „Мирот е наша нација” освои 12,55 проценти или 10 мандати, „Црно на бело” 5,57 или четири мандати, Социјалдемократите 4,09, Бошњачката партија 3,81, СДП – Силна Црна Гора 3,14 добија по три мандати, а Албанската листа 1,61 и Албанската коалиција Едногласно 1,16 проценти освоија по еден мандат.

Фото: EPA-EFE/BORIS PEJOV

 

 

 

 

Кога се ќе се собере, трите опозициски коалиции имаат 41 мандат, а ако на тоа се додадат и двата мандата на СДП, која последните четири години ги помина во опозиција, испаѓа дека опозицијата има посилно мнозинство.

Според лидерите на опозицијата, следен чекор ќе биде формирање на влада која би ја водела Црна Гора до излез од економската криза.

Ѓукановиќ: Ќе ги почитуваме резултатите

Ѓукановиќ, кој беше премиер во четири мандати, а претседател во два, во првото обраќање по изборите изјави дека ги почитува резултатите кои ги постигна опозицијата и призна дека неговата партија засега нема мнозинство во собранието.

Фото: EPA-EFE/BORIS PEJOVIC

„Нашата партија за време на своето вкупно постоење на политичката сцена изгради профил на граѓанска партија, која се бори за мултиетничко општество и европски систем на вредности. Мислам дека за време на претходните години направивме исчекор, дека Црна Гора стана светилник на Западен Балкан и се надевам дека така ќе остане“, изјави Ѓукановиќ.

 

Кривокапиќ: Утре е нов ден во слободна Црна Гора

Носителот на изборната листа „За иднината на Црна Гора“, Здравко Кривокапиќ во своето вечерно обраќање од Изборниот штаб најави победа и слобода за црногорскиот народ.

Кривокапиќ исто така, повеќе пати ги замоли граѓаните да останат дома и да не наседнуваат на провокациите и да излегуваат по улиците.

„Утре е нов ден во слободна Црна Гора. Ќе заборавиме што било во минатото, но ќе градиме заедничка иднина“, рече Кривокапиќ.

Поразот на Ѓукановиќ поврзан со конфликтот со СПЦ?

Бројни аналитичари сметаат дека Ѓукановиќ загуби на изборите во Црна Гора поради конфликтот со Српската православна црква, која поради усвојувањето на Законот за слобода на вероисповед организираше масовни протести во државата.

Кривокапиќ по објавувањето на изборните резултати ноќеска замина во Храмот на Христово воскресение во Подгорица, каде се сретна со митрополитот Амфилохије.

Тој на социјалните мрежи објави видео од средбата со митрополитот и напиша: „Му се заблагодаруваме на Господ и на народот на Црна Гора“.

И Србите прославија победа на изборите во Црна Гора

Граѓаните на Србија исто така ги прославија вчерашните резултати на изборите во Црна Гора. Пред српското Собрание беа собрани неколку десетици граѓани со знамиња и со огномет.

Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера за првичните резултати искоментира дека српскиот народ во Црна Гора се кренал.

„Ги видов резултатите од северот на Црна Гора и таму има убедлива победа на листата на „За иднината на Црна Гора“, рече Вучиќ иако додаде дека е рано да се прогласи победа.