Дали лекарите веќе се принудени да избираат кого ќе лекуваат?

479

Членови на семејства на пациенти и нивни блиски роднини на социјалните мрежи ги споделуваат своите искуства во битката со Ковид 19.

Дел од граѓаните сведочат дека нивните најблиски преживеале голгота за да стигнат до болнички кревет, а големо внимание предизвика и објавата на ќерка која раскажува дека нејзината 76-годишна мајка починала во болнички ходник додека во тешка состојба чекала да биде хоспитализирана во „8ми Септември“, но оттаму им било кажано дека слободни кревети нема, оти се чувале за помлади пациенти.

Други сведочат дека пациенти со часови чекаат во амбулантни возила за да бидат сместени во некој од Ковид центрите, бидејќи нема слободни места.

Иако претходно од министерството за здравство за ваквите жалби одговорија дека секој пациент без разлика колку години е, има подеднакво право на болничка нега и третман, а единствено може да биде препратен во друг ковид центар доколку во моментот нема слободен кревет во болницата каде е донесен, сепак подоцна соопштија дека министерот Филипче утрово побарал Државниот здрасвтвен и санитарен испекторат да изврши вонреден инспекциски надзор за утврдување на возраста на пациентите хоспитализирани во ГОБ „8 Септември”.

Од ДСЗИ по извршениот надзор утврдиле дека во „8 Септември” од 107 лежечки пациенти, 38 се на возраст од 68 до 88 години.

Од Брзата помош велат дека досега не се случило пациенти да чекаат долго време во болничко возило.

Од министерството за здравство информираат дека вкупно 470 пациенти со КОВИД- 19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка.

И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот имало 20 тина слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ 8 Септември.

Освен државните, до крајот на неделава ќе бидат отворени дополнителни болнички кревети за ковид пациенти, откако викендов министерот за здравство Филипче се договори со сопствениците на приватните клиники да помагаат со опрема и кадар, а лекувањето ќе биде на државен трошок.