Да нема страв од новиот Закон за УЈП, државата има право да оданочува приходи, порача Заев

808

Најновиот закон за Управата за јавни приходи, со кој се предвидува УЈП да има слободен пристап до банкарските сметки на граѓаните е процес финансиран од Европската унија и европските фондови и станува збор за право на државата да ги оданочи приходите на граѓаните, истакна денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање во Клубот на пратениците на одбележувањето на 17-годишнината од Рамковниот договор, во врска со реакциите на јавноста, но и на банкарската фела на новиот закон. Рече дека не станува збор за тоа дека државата има аспирации да навлегува во детали на трошењето парите на граѓаните.

Истакна дека во делот на приходите многу земји, демократии и во ЕУ и пошироко имаат увид во приходот кој го остваруваат даночните обврзници.

– Конечно создадовме систем, ја подготвивме државата и УЈП преку поврзување  со банкарскиот сектор да има увид во приходите, кои се цел на оданочување од страна на државата. Нема ништо недемократски, тоа е овозможено и постои и сега. Знаете дека државата преку многу институции ако сака може да направи увид во одредени сметки. Апелирам до граѓаните да немаат никакви стравови. Се работи за подготовка на државата во извршување на својата со устав загарантирана задача или со закон пренесена преку УЈП, да ги наплаќа даноците од страна на даночните обврзници, појасни Заев.

И покрај реакциите во јавноста од најавата дека УЈП ќе добие месечен увид во банкарските сметки на граѓаните, тие и сега, според важечкиот Закон за банките не се банкарска тајна за повеќе институции во земјава.

Пристап до нив има Народната банка, Управата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам и Финансиската полиција. Во Законот стои и дека банките треба да им ги дадат податоците и на Министерството за труд, Агенцијата за вработување и Фондот за здравствено осигурување, ако имаат потпишано меморандум за соработка.

Со писмено барање до банкарските сметки на граѓаните стигнуваат и Државниот девизен инспекторат, Фондот за осигурување на депозити, Јавното обвинителство и судовите.

Во врска со реакциите во јавноста дека е можно оданочување и на приливите од дијаспората, Заев појасни дека ќе се оданочува тоа што е приход.

– Тоа што е помош кон семејствата однадвор е помош и тоа не е цел на оданочување согласно законите во РМ. Ако некој има приход во странство, затоа што работел или дал некоја интелектуална услуга во странство и за тоа добил приход, тоа е предмет на оданочување, рече Заев.