Четврток протест во Скопје

128

Под мотото “Доста е, претеравте” КСС утре излегува на протест. Протестниот марш поради состојбата со пандемијата ќе се одржи со автомобили, ќе почне спроти МРТ до Собранието и ќе заврши пред Владата. Од најголемиот синдикат во јавниот сектор повторија дека ќе протестираат бидејќи нема социјален дијалог со надлежните. Нема задоволително покачување на минималецот, нема неработна недела како и 100 отсто боледување за заболените и покрај нивните барања. Повторно апелираа да запре притисокот врз синдикалните организации.

Од Министерството за труд пак нема конкретен одговор како ќе одговорат на барањата на Конфедерацијата. Велат дека за сите одлуки коишто ги засегаат работничките права ги консултираат сите чинители вклучувајќи ги и синдикатите.

Со цел заштита на работничките права инспекциските служби засилено работат на терен, а Министерството за труд и социјална политика секоја среда одржува состаноци со претставници на работници, како и со невладини организации кои се занимаваат со заштита на работничките права, на кои присуствуваат и претставници од Државниот инспекторат за труд, како и од Инспекцискиот совет.

Минимална плата во месец март беше усогласена во согласност со Законот за минимална плата и таа ќе продолжи да расте.

Од Конфедерацијата очекуваат голем одзив на утрешниот предупредувачки протест. Ако нема одговор од власта велат дека ќе продолжат со порадикални чекори.

Поддршка добиле од Унијата на независни синдикати, Гласен текстилец како и политичките партии Левица и Комунистичка партија. Се надеваат дека ќе им се приклучи и ССМ.