Центарот на моќта од каде што се менува светот: Има 284 тоалети, нема лифтови, а неговите ѕидови кријат многу тајни

635

Пентагон е зграда која што од изградбата пред 76 години, и натаму е во центарот на вниманието на светот – тоа е главното седиште на Министерството за одбрана на САД и еден од главните американски центри на моќ.

Многумина сметаат дека оваа „тврдина“ и ден денес крие бројни тајни, а токму во Пентагон се донесени некои одлуки кои што го имаат променето светот. Зградата на Пентагон се наоѓа во Арлингтон во Вирџинија и претставува симбол на најмоќната армија на светот – Армијата на САД.

Зградата е изградена во рекорден рок, за помалку од две години во екот на Втората светска војна. Изградбата започнала на 11-ти септември 1941-ва година, а завршена е на 15-ти јануари 1943-та година. Пентагон е проектиран од архитектот Џорџ Бергстром, а изградена е од градот Филаделфија.

Во оваа зграда првобитно не биле предвидени лифтови, а со оглед на тоа што Пентагон е изграден во екот на расните поделби во САД, во зградата имало посебни тоалети за белците и посебни тоалети за афроамериканците. Поради тоа, во Пентагон денес има дури 284 тоалети. Пентагоин има околу 23 илјади вработени (војници и цивили), а околу 3 илјади луѓе работат во самата зграда која има облик на петоаголник, па од тука доаѓа и името Пентагон.

Пентагон има пет ката, пет прстени, две нивоа во сутерен, а иако должината на секое ниво изнесува 28,2 километри, зградата е така дизајнирана за од една точка, до најоддалечената точка да се стигне за помалку од седум минути. Има површина од 600 илјади метри квадратни и дури шест поштенски броеви.

Во комплексот се наоѓа и централен плоштад од пет хектари кој се нарекува нулта точка. Тој постои уште од времето на Студената војна кога постоела претпоставка дека токму тука би била метата на нуклеарна ракета на Советскиот сојуз.

Пентагон беше мета на терористичкиот напад кој што се случи на 11-ти септември 2001-ва година кога патнички авион од типот „Боинг 757-223“ кој беше киднапиран од терористите, удри во западното крило на зградата. Тогаш загинаа 189 лица (125 вработени во зградата, 59 патници и членови на екипажот, како и петмина терористи).

Проектот за обнова беше наречен „Проект Феникс“ и истиот заврши во 2003-та година, а американските власти ги чинеше 5 милијарди долари. Во 2008-ма година беше отворен меморијален простор посветен на жртвите на терористичкиот напад. Поставени се 184 клупи, а на секоја од нив е испишано името на жртвата.

Пентагон крие бројни тајни, а неодамна беше откриено дека во период од пет години токму тука била спроведена тајна програма за истражување на НЛО, програма која што заврши во 2012-та година. За програмата наречена „Напредна програма за идентификување на закани од вселената“ во тајност секоја година се издвојувале 22 милиони долари.

Според некои американски медиуми, во зградата се наоѓа и таен апартман, а вреди да се спомене дека Пентагон секоја година го посетуваат повеќе од 100 илјади туристи.