Брестовац: Словенија има одлични средни бекови, но мене друг ме плаши!

75

Во првиот натпревар од главната фаза, Македонија се соочува со противник, кој е традиционално незгоден, кој редовно ги туркал нашите ракометари до нивните лимити, а епилогот не секогаш бил поволен за нас. Не очекуваме ништо послаба Словенија и денеска, од 15.30, во Каиро.

Кога ќе се каже Словенија во ракомет, првата асоцијација е креативци, брзи средни бекови со визија за напад. Ова многу пати сме го пробале на своја кожа во живо, на паркет и затоа не треба специјално предупредување за тоа колку тепко искушение ја чека македонската одбрана денеска. Таа досега прими 99 гола и е петта најлоша од селекциите во првата фаза. Селекторот Данило Брестовац вели дека и не е така лоша, со исклучок на дисциплината и личната одговорност.

„Многу е важна таа дисциплина во одбрана и она што сме договорени да се испочитува. Ни недостасува малку таа тактичка, индивидуална одговорност во одбраната. Мислам дека напредуваме, гледајќи ја првата, втората, третата средба. Кога ќе ставам црта и кога ќе го видам нашиот перформанс во одрбана, мислам дека сме доволно борбени, доволно подвижни во таа 6-0 одбрана, со оглед на висината. Со Чиле ми беше малку потешко да ставам зона 5-1, затоа што, видовте и на 6-0 нè пробиваа, камо ли на 5-1“, прокоментира Брестовац.

Ќе биде исклучително важно колку „нè пробива“ и Словенија, бидејќи нивните средни бекови тоа најдобра знаат да го прават. На располагање ги имаат експлозивните Зарабец, Скубе, Бомбач, кои личат на слаломисти кога ќе тргнат кон голот.

„За Словенија нема што многу да се објаснува за неа како селекција. Репрезентација, која вади најмногу средни напаѓачи во европски, светски рамки. Една стручна школа за ракомет, која вади таленти како на сериско производство. Од година во година сè повеќе играчи вади“, оцени македонскиот селектор со висока почит.

Меѓутоа и покрај сите пофални зборови, тој посочи некој друг како најголема закана по нашиот гол.

„Искрено, малку ме плашат нивните два пикера. Во првата група не игравме против висок пикер, а кај Словенија и двајцата се големи, високи и ќе ни прават проблеми. Да, се согласувам дека средните бекови се носители, ама некако повеќе ме фаќа страв од пивотмените. Правиме анализи, сериозно се подготвуваме и се договараме. Јас сум оптимист дека можеме да одиграме добро“, рече Брестовац.

Благотиншек досега постигна 10 гола, Габер еден помалку, а само двапати реализирал третиот избор меѓу пивотите, Сухолежник. Но, се разбира, нивниот ефект никако не смее да се гледа само преку головите, бидејќи тука се и предизвиканите пенали, тука се и блоковите со кои ја градат нашата одбрана и отвораат простор за „суперсоничните“ средни бекови.

Досега најефикасен кај Словенците е нивниот најекспониран млад ракометар, десното крило на Барселона, Блаж Јанц, со 16 гола, колку што има и Кире Лазаров.