Бекот на Рома со одличен гол од слободен удар (трет во досегашниот дел од СП) ѝ донесе победа на српската репрезентација со 1:0 против Костарика на стартот на Мундијалот.
Се играше 55 минута кога судијата покажа слободен удар. Коларов се намести со левата нога и шутна преку живиот ѕид и ја погоди мрежата на Навас. Голманот се фрли но не успеа да го спаси својот гол. Погодок вреден драгоцени три бода на стартот на првенството во група во која се Швајцарија и Бразил.
Конечен резултат Србија – Костарика 1:0.
„Орлите” кои се вратија на Мундијалот по осум години пауза играа подобро, имаа поголем посед на топката меѓутоа сето тоа беше без ефект во првото полувреме. Костариканците воглавно беа сконцентрирани на својата половина и со повремени контра-напади го загрозуваа противничкиот гол. Она што може да се издвои се шансите на Сергеј Милинковиќ-Савиќ, во првата ситуација Навас одбрани, а потоа испрати шут со ножички но судијата процени дека се работи за офсајд иако немаше такво нешто.
На стартот на второто полувреме Митровиќ промаши „зицер”. Се најде во ситуација еден на еден со Навас, лошо шутна, а голманот одбрани. Во 56 минута Коларов ги презеде работите во свои раце и со силен шут ја затресе противничката мрежа. Во 76 минута Србите можеа да го зголемат водството но Навас го одбрани шутот на Тадиќ од страна.
Во судиското продолжение имаше интересен момент. Пријовиќ невнимателно удри еден противнички играч, судијата побара помош од ВАР технологијата за да види дали стартот е за црвен картон. Судијата, сепак, му покажа жолт.
Србите имаат 100% ефект против тимови од КОНКАКАФ зоната (четири меча – четири победи).
Наредниот меч на Србите е против Швајцарија на 22 јуни, а истиот ден Костарика ќе му се спротистави на големиот Бразил.
ПРВО КОЛО, ГРУПА Е
КОСТАРИКА – СРБИЈА 0:1 (0:0)
Стрелец: Коларов 56′
Стадион: Космос арена, Самара. Судија: Маланг Дедиу (Сенегал).
КОСТАРИКА: Навас, Гамбоа, Акоста, Гонзалез, Дуарте, Калво, Ванегас (60′ – Боланос), Гузман (73′ – Колиндрес), Боргес, Руиз, Урења (66′ – Кембел).
СРБИЈА: Стојковиќ, Ивановиќ, Миленковиќ, Тошиќ, Коларов, Матиќ, Миливојевиќ, Тадиќ (82′ – Рукавина), Миленковиќ-Савиќ, Љајиќ (70′ – Костиќ), Митровиќ (89′ – Пријовиќ).