Боки 13 открива: Од фудбалер добил 125 илјади евра, а 300 илјади евра од денационализација и наследство

633

Адвокатот на Бојан Јовановски, Сашо Дуковски на денешното рочиште за случајот „Рекет“ приложи нови докази.

Одбраната на денешното рочиште со низа на документи се обиде да го докаже потеклото на парите со кои располагал Бојан Јовановски, попознат како Боки 13.

Адвокатот Сашо Дуковски откри дека фудбалерот Стевица Ристиќ му дал на Бојан Јовановски позајмица од 125 илјади евра и приложи документ за тоа. Во судот беше приложена и изјава дека сведокот Александар Радуловиќ исто така му дал 150 илјади евра на Јовановски, а исто така заедно со неговата сопруга Марина Туцаковиќ ја кофинансирале 1ТВ.

Според Дуковски, обвинетиот Боки 13 добил пари од продажба на недвижен имот на неговата баба Евгенија. Тој приложи доказ за денационализација на имот од кој добил 300 илјади евра, пренесува „Фокус“.

Адвокатот истакна дека со објавување на фотографии ќе докаже дека најголемиот дел од запленетата гардероба на Боки 13 била купена многу порано од „наводниот термин на извршување на кривичното дело“.