Ангеловски за напаѓачите на починатото момче: Насилник е насилник, ќе одговара, постојат закони

779

Насилникот е насилник, без разлика на неговата етничка припадност, во државата постојат закони, функционира правната државата и одговорните за нападот врз Н.С. (21), кој изутрината почина во комплекс клиниките „Мајка Тереза“ ќе одговараат пред законот.

Ова го порача на денешната прес-конференција портпаролот на МВР, Тони Ангеловски во врска со нападот врз Н.С., кој се случи на 29 јуни од страна на три машки лица на автобуска постојка на булеварот „Александар Македонски“.

На прашањето дали случајот има етничка позадина Ангеловски упати апел да се прекине со таквите практики на гледање на нештата.

– Ќе ве замолам да не гледате етничка позадина, која многу често се користеше во минатото. Насилникот е насилник, ќе одговара, постојат закони, правната држава функционира, осомничените веќе се во притвор, рече Ангеловски, кој изрази сочувство за починатиот до неговото семејство од негово име и од името на МВР.

Нагласи дека МВР експресно го расчистило случајот и сторители се приведени и одредена им е мерка притвор апелирајќи уште еднаш да не се шират дезинформации и лажни вести .