Два американски воени авиона нападнаа објекти за оружје и муниција во Сирија во петокот како одмазда за нападите врз американските сили од регионалните доброволечки милиции поддржани од Иран, бидејќи расте загриженоста дека конфликтот меѓу Израел и Хамас може да се прошири низ Блискиот исток.
Американскиот претседател Џо Бајден нареди напади врз два објекта коишто наводно ги користат иранската Револуционерна гарда и милицијата што ја поддржува, соопшти Пентагон, предупредувајќи дека САД ќе преземат дополнителни дејствија доколку продолжат нападите врз нивните сили.
Американската војска изминатава седмица е нападната барем 12 пати во Ирак, каде има бази по инвазијата во оваа земја во 2003 година, и четири пати во Сирија каде има десетина бази во североисточниот дел каде со упадот по 2011 година ги држи под окупација најбогатите сириски наоѓалишта на нафта и непречено незаконски ги експлоатира. САД и Израел го обвинуваат Техеран ги поддржува Хамас, Исламскиот џихад и либанскиот Хезболах.
Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан во четвртокот во Обединетите нации изјави дека доколку израелската офанзива против Хамас не престане, САД „нема да бидат поштедени“.
Американските воздушни напади биле извршени во близина на Абу Камал, сириски град на границата со Ирак, а беа извршени од два борбени авиона „F-16“ со помош на прецизна муниција, изјави претставник на американското Министерство за одбрана.
„Овие прецизни напади за самоодбрана се одговор на серијата тековни и главно неуспешни напади врз американскиот персонал во Ирак и Сирија од страна на групи поддржани од Иран, кои започнаа на 17-ти октомври. Овие напади против американските сили поддржани од Иран се неприфатливи и мора да престанат“, рече американскиот секретар за одбрана Лојд Остин.
Претседателот Бајден испратил порака до иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, предупредувајќи го Техеран да не го гаѓа американскиот персонал на Блискиот исток, соопшти Белата куќа претходно во четвртокот.
„Она што сакаме е Иран да преземе многу конкретни активности, да ги натера своите милиции да се откажат“, рекол за Reuters висок американски функционер истакнувајќи дека САД не ги координирале воздушните напади со Израел
Израел во петокот соопшти дека воените напади врз Газа ја подготвуваат „следната фаза од операцијата“, поради стравувањата дека копнената инвазија на палестинската енклава би можела да предизвика поширок конфликт на Блискиот исток. Израел го бомбардира густо населениот Појас Газа по нападите на Хамас врз израелските заедници на 7-ми октомври. Израел вели дека Хамас убил околу 1.400 луѓе, вклучително и деца, а зел повеќе од 200 заложници, вклучувајќи бебиња и постари возрасни лица.
Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас, во четвртокот соопшти дека 7.028 Палестинци, меѓу кои 2.913 деца, биле убиени во одмазднички воздушни напади.
Ракета лансирана како дел од борбите меѓу Хамас и Израел погоди египетско одморалиште лоцирано на околу 220 километри од Појасот Газа рано во петокот, објави египетски Al Qahera News, повикувајќи се на извори. Проектил погоди медицинска установа во Таба, при што се повредени најмалку шест лица, јави телевизијата TV Al Qahera. Очевидец во Таба потврдил дека слушнал експлозија и видел како се крева чад, но Reuters наведува дека не можел веднаш да го идентификува изворот на експлозијата.
Таба се наоѓа на египетската граница со израелското пристаниште Еилат на Црвеното Море. Израелската војска соопшти дека знаела за безбедносен инцидент надвор од нејзините граници.