Актерката со балкански корени која го освои Холивуд: Единствена од семејството Јововиќ која не била во затвор, а еве поради што татко ѝ не сака да се врати во Србија

154

Холивудската актерка Мила Јововиќ своевремено објавила фотографии од своите предци на социјалните мрежи, па открила дека родителите на нејзината мајка и нејзиниот татко биле борци во Втората светска војна.

Мила е родена во Украина, мајка ѝ е актерката Галина, а татко Богдан Јововиќ, чие семејство е по потекло од Црна Гора. Оваа убавица не крие дека нејзиниот татко имал бурно минато.

„Татко ми мислеше дека од здравствено осигурување може да направи голем бизнис, па во 1994 година ‘заглави’ во затвор, каде што се наоѓаше 5 години. Многу сме блиски, особено откако јас го добив моето прво дете. Тој живее во Лас Вегас и кога и да може доаѓа да нè види.

Од мајка ми ја наследив љубопитноста, љубовта кон книжевноста и уметноста и дефинитивно добро да размислувам пред да одлучам нешто во животот. Од татко ми ја добив импулстивната страна, бестрашноста, подготвеноста понекогаш да ризикувам. Сепак јас сум наследник на едно револуционерно семејство. Веројатно сум единствениот член од фамилијата Јововиќ кој што не бил во затвор.

Мојот дедо, мислам и неговите браќа, биле затвореници на Голи оток. Таа приказна за тој остров ме фасцинираше. Затоа сакам со роднината Мирко кој што е режисерот кој што го сними филмот за Голи оток, да појдам таму. Речиси го сфатив значењето на тоа име, во смисла – „соголен остров“. Би сакала да направам филм за дивата, насилна, драматична историја на моето семејство. Не можевме да избегаме, па дури и да сакавме“, изјавила Мила за магазинот „Седмица“.

Мила изјавила дека има желба да ја посети Србија и Црна Гора, за разлика од нејзиниот татко кој не ни помислува на тоа.

„Како и поголемиот дел од Србите и тој има проблем со однесувањето, одмаздата и таквите чувства кои што се пренесуваат од генерација на генерација. Многу ми беше тешко што моето семејство ми било толку разединето. А, потоа се случи да се роди ќерка ми, првото дете од семејството Јововиќ родено во Америка, а по два месеци почина Бранко, првиот Јововиќ погребан во Америка. На погребот дојдоа сите. Таман кога сакаа да се разотидат, сите ги повикав дома да го видат бебето. Тогаш беа кај мене, ги оставија сите проблеми зад себе само за да го видат бебето – славевме нов живот.

Беше многу емотивно. Мојот татко претходно беше нервозен, не знаеше како сето тоа ќе заврши. Во текот на вечерата се опушти. Следното утро не можеше да ја тргне насмевката од лицето, а јас не можев да престанам да плачам од среќа. Ми кажа: ‘Знаеш, јас никогаш не би се согласил на сето ова. Само ти можеше да ме убедиш, ти си единствената Јововиќ во семејството која што може сите да нè собере заедно’. Тоа беше олеснување за него. Инаку, татко ми ја обожува ќерка ми, неговата внука која што се вика Евер Габо. Евер е старо шкотско име за мажи, а истото беше желба на мојот партнер, режисерот Пол Андерсон“, изјавила Мила.