Новогодишните празници се веќе на прагот. Темите околу прославувањето на најлудата ноќ во годината стануваат сè поинтензивни, а и плановите за идната година веќе “се крчкаат на тивок оган“.
Прашавме дел од познатите на македонската естрада со какви спомени ќе ја испратат старата и што очекуваат во Новата година.
Уникатната пејачка Сара Мејс, нѝ открива дека 2019-та година ќе ја памети по успешните проекти на професионален план.
„Бакар боја и Femme Fatale дефинитивно ја одбележаа оваа година“, вели пејачката и додава:
„Во 2020-та година посакувам мир на душава, помалку деца на улица (без покрив) и подобар воздух.“
Нејзиниот сопруг, водителот Димитар Атанасовски своите впечатоци ги сподели во свој стил. Според неговиот одговор, може да заклучиме дека ова била навистина возбудлива година за него.
„Оваа година ќе ја паметам по најмногу сменети пелени на метар квадратен, по непроспиените ноќи. Исто така, никогаш нема да ја заборавам првата насмевка на ќерка ми оваа година. Годинава ќе ја паметам по сите успешни проекти и нови соработки со клиентите. А, ова е и година во која си го продадов моторот и не си купив нов. Дефинитивно нема да ја заборавам“, нѝ открива Атанасовски.
Но, за 2020-та има јасни и зацртани цели.
Димитар вели дека во новата година очекува душевен мир, здравје за најблиските, посакува остварување на плановите на професионално поле и очекува среќа во малите нешта.
Го прашавме и Лозано каква била за него оваа година и по што ќе ја памети.
„Убава година, со многу успешни концерти, дружења, хитови…“, скромно нѝ открива Влатко.
„Во следната година, пред сè очекувам здравје. Сакам повторно да гледам насмеани лица и сакам многу, многу музика!“, заклучува пејачот.
Јелена Спенџарска, како и секогаш, искрено проговори за своите чувства и емоции, за сето она што ѝ се случило, и што очекува да ѝ се оствари наредната година.
„2019-та година ќе ја паметам цел живот, бидејќи ова ми беше најдобра година во животот – без конкуренција. Толку созреав, толку ментално пораснав, толку сум си горда самата на себе. Запознав прекрасни луѓе, остварив многу контакти, посетив феноменални дестинации, ја добив внукичката Љубљана и си ги исполнив сите желби кои си ги замислив“, открива Спенџарска.
Но, во 2020-та очекува спектакуларни доживувања, нешто што досега не се случило, големи проекти, остварување на уште поголеми планови.
„2020-та година ќе биде година која ќе ми донесе животни промени, го чувствувам тоа. Подготвена сум за големи нешта и знам дека се блиску до мене. Едвај чекам да зачекорам во неа, имам преубава енергија дека нешто ‘WOW’ ќе се случи“, возбудено открива водителката.
Ви ги откриваме впечатоците и на Панчо од ДНК. Еве по што тој ќе ја памети 2019-та година.
„По успехот на музички план како диџеј и со мојот бенд ДНК (4 успешни синглови со видео записи), многу полни сали и насмеани лица. Патувањето во Неапол и следењето на фудбалскиот натпревар од ЛШ помеѓу Наполи и Ливерпул, и сето тоа благодарение на Елиф Елмаз. Исто така ќе ја паметам по одличните резултати на македонската фудбалска репрезентација и освоеното прво место во ЛШ на ракометниот клуб Вардар“, вели Панчо и додава:
„Во 2020-та година очекувам многу порелаксирани луѓе, помалку омраза и негатива во нашата земја. Посакувам здравје за моите најблиски, и најмалку, успех барем колку оваа година“, заклучува диџеј Панчо.
За водителката Елена Стефановска ова исто така беше една успешна година, како на професионален, така и на приватен план.
„Јас сум човек што сака да памети само убави работи. Оваа година на професионален план ја паметам по успешност. Приватно, благодарна на сите позитивни луѓе околу мене, многу љубов и патувања проткаени со многу убави приказни“, открива водителката и уредник на емисијата „Живот со стил“.
„Велат ќе имаме светла и мотивирачка година. Според кинескиот хороскоп ова ќе биде година на златниот стаорец. Па така и јас, подготвена сум за силна и успешна година“, заклучува Елена.
Битолчанецот Виктор Апостоловски, оваа година доста напорно работеше, кога станува збор за музиката. Сè на сè, ова се неговите впечатоци за 2019-та година.
„Оваа година ќе ја паметам по многу работи! Патувања, настапи во 7 држави низ Европа, промоција на мојот втор албум, нови спотови, настапот на Макфест, а најмногу од сè, мислам дека ќе ја паметам по мојата најнова песна“, низ смеа нѝ открива Виктор.
„Од 2020-та година очекувам сето ова што ми се случи годинава, да го качам на едно повисоко ниво! Имам премногу планови и ако барем половина од нив ми се исполнат, ќе бидам пресреќен!“, заклучува Апостоловски.
За Бени Шаќири ова сепак не била најдобра година, исполнета со неверојатни спомени.
„2019-та воглавно ќе ја паметам по лоши работи… Ми заминаа драги луѓе. Тешка година, да не се повтори!“, вели пејачот и додава:
„Во 2020-та би сакал само здравје, друго ќе си купиме“, кратко открива Шаќири, кој наскоро ќе стане вујко.
