Како земјата да го проголтала авионот: “Гледав како паѓа во мојата нива, удри во земјата и се запали”

718

Капетанот Соломон Гиваз, пилотот кој бил помеѓу првите кои го виделе местото на падот на етиопскиот Боинг, изјавил дека изгледало како земјата да го проголтала авионот.

“Ништо не се гледаше, изгледаше како авионот да се лизнал директно во земјата”, навел Гиваз.

Тој додал дека токму поради тоа спасувачките служби веднаш испратиле булдожери на местото на несреќата, кои започнале да ископуваат големи делови од леталото. Несреќата се случи на 10-ти март во утринските часови, само шест минути откако авионот полетал од етиопската престолнина.

Од авиокомпанијата велат дека главниот пилот упатил повик за помош, но по повикот се изгубил контакт. Настрадале државјани од дури 35 земји.

Авионот правел чудна бука, од него излегувало чад и паѓале разни предмети додека надлетувал поле со крави, пред да се сруши, раскажуваат очевидците.

26-годишната Турн Бузуна која живее на 300 метри од местото на несреќата вели дека никогаш не слушнала толку морничав звук, а над нејзината куќа постојано прелетуваат авиони бидејќи е на пат до аеродромот.

47-годишната Малка Галато, во чија нива се срушил боингот 737, потврдила дека од задниот дел од авионот излегувал чад.

“Леташе ниско и нагло се сврте, а од него излегуваше бел чад и испаѓаа предмети, облека, весници… Кравите кои пасеа тука, се разбегаа. Авионот проба да се подигне, но не успеа, падна и се запали”, изјавила Галато.