Во текот на вчерашната посета на Србија, Владимир Путин користел специјална луксузна лимузина од руско производство, која за првпат беше видена во јавноста на инаугурацијата на претседателот во мај 2018 година.
Посетата на Путин во Белград беше прилика љубителите на автомобилите да го видат руското претседателско возило. Путин слетал на белградскиот аеродром околу 13 часот, а по поздравот со српските претставници, тој седнал во продолжената претседателска лимузина на рускиот произведувач “Aurus”.

Покрај претседателската лимузина, се нашле и други возила на овој произведувач – уште една мала лимузина, како и MPV возило. Сите три модели се дел од проектот “Kortezh” кој пред неколку години беше покренат токму на иницијатива на Владимир Путин.
Идејата била претседателот да има свое посебно возило, но напоредно со нив да се развива линија и за останатите високи државни функционери, вклучувајќи и специјализирани возила, MPV и SUV автомобили.

Дел од производството на овие возила е наменет за продажба на пазарот.
Конечната верзија на претседателската лимузина на “Kortezh” кој Путин ја користеше во текот на посетата на Белград, на прв поглед изгледа како комбинација од продолжен “Mercedes S Class” и моделот “Rolls-Royce Phantom”. Се претпоставува дека за погон е употребен турбо V12 мотор со над 850 коњски сили, кој е развиен со помош на германското “Porsche”.

Досега во рамки на проектот, освен претседателската лимузина се претставени и луксузниот седан “Aurus Senat”, како и MPV возилото “Aurus Arsenal”, а во план е производство и на луксузен SUV “Aurus Komendant”.
