Хорор на хуманитарен концерт во Полска: Маж скокна на бината и со нож го избоде градоначалникот!

859

Маж упадна на сцената на градскиот плоштад во полскиот град Гдањск за време на хуманитарен концерт и пред очите на шокираната публика го избоде и тешко го рани градоначалникот и истакнат полски опозиционер Павел Адамович.

27-годишниот Стефан Мешчезна упадна на сцената и започна да извикува дека невин лежел во затвор за време на владеењето на владата на либералната Граѓанска платформа, по што извади нож и го нападна и тешко го повреди Адамович, градоначалник на Гдањск и истакнат опозиционер.

Обезбедувањето набрзо го совлада напаѓачот, по што беше приведен од полицијата, додека на лице место медицинските екипи му пружија помош на Адамович кој во критична состојба со убодни рани во стомакот беше пренесен во најблиската болница.

Нападот со нож на опозицискиот политичар се случи во моментите кога во Полска околу 120 илјади волонтери на улиците собираат помош за купување на опрема за детски болници.

„Нападот над Павел Адамович е за најжестока осуда. Во нашите мисли и молитви е Адамович“, порача полскиот премиер Моравјецки на Твитер.

„Сите се молиме за градоначалникот Адамович. Павел, со тебе сме“, порача на Твитер поранешниот шеф на партијата на Адамович, некогашниот полски премиер и актуелен претседател на Европскиот совет, Доналд Туск.