Француската полиција утринава уапси шест лица поради планирање на напад на францускиот претседател Емануел Макрон, пренесува британската новинска агенција „Ројтерс“, повикувајќи се на извори блиски до истрагата.
Како што пренесува “BFM TV”, шест француски ултрадесничари биле уапсени во акција на француските безбедносни служби.
Акцијата била изведена во рамките на големата истрага поради заканите кои што биле упатувани кон францускиот претседател Макрон.
Апсењата организирани од специјалните единици на министерството за внатрешни работи на Франција биле изведени во три различни краеви на Франција: Југоисточно од Лион, на границата со Германија и Луксембург и на северозападот, во близина на градот Рен.

Како што пренесуваат тамошните медиуми, засега не е сосема јасно дали постои некаква поврзаност помеѓу сите уапсени, или пак тие работеле индивидуално.
Емануел Макрон, во последното интервју кое што беше објавено во неделата, во неколку наврати предупреди на заканата која што доаѓа од екстремно десничарските движења ширум Европа кои што се во голем подем.