МВР: Селекцијата за прием во Средното полициско училиште „7-ми Мај“ се спроведува согласно утврдените критериуми

64

Во врска со наводите изнесени во јавноста дека кандидат за прием во Средното полициско училиште „7-ми Мај“ не бил повикан на проверка на моторичките способности и покрај тоа што ги исполнувал условите од јавниот повик, Министерството за внатрешни работи ги демантира ваквите наводи.

Процесот на селекција сè уште е во тек и се спроведува во повеќе последователни фази. На проверка на моторичките способности се повикуваат кандидатите кои претходно успешно ја поминале административната селекција.

Во рамки на административната селекција, меѓу другото, се утврдува исполнувањето на условот кандидатот да има најмалку „добар“ општ успех во двете завршени години средно образование и да не му биле изрекувани педагошки мерки во училиштето во кое ги завршил прва и втора година.

Во конкретниот случај, кандидатот не е повикан на проверка на моторичките способности бидејќи не ја поминал административната селекција, односно не ги исполнил сите услови што се проверуваат во оваа фаза.

По завршувањето на целокупната постапка, кандидатите ќе бидат известени за исходот од селекцијата, а согласно предвидената постапка ќе им биде овозможен и увид во документацијата.

Министерството за внатрешни работи апелира да не се изнесуваат неточни и непотврдени информации пред официјалното завршување на процесот. Селекцијата се спроведува професионално, согласно критериумите од јавниот повик и со еднаков третман на сите кандидати.