Реакции во Грција по објавените стенограми од лидерските средби во Македонија

943

Ставовите на грчката Влада во преговорите за името, но и размислувањата за опозициската Нова демократија, онака како што се пренесени во објавените стенограми од „Катимерини“ и германски ФАЗ, од двете лидерски средби во Македонија, предизвикаа реакции во Грција и препукувања меѓу Владата и опозицијата.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, особени реакции предизвика делот во кој македонскиот премиер споменува дека се сретнал со европратеничката и портпаролка на Нова демократија, Мариа Спираки.

Од грчката Влада велат дека „тајните средби на специјалната претставничка на Мицотакис, ја покажуваат хипокризијата и националната неодговорност на лидерот на опозицијата“ и  бараат објаснувања од Нова демократија.

– Треба да одговорат: зошто ја држеа средбата во тајност? Која е целта на состанокот пред да почне официјалниот циклус контакти на грчката Влада, со Владата на ПЈРМ? Какви доверливи пораки му пренесе на господинот Заев во име на господинот Мицотакис? Имаше ли и други такви случајни средби во кафулиња со политичката власт на соседот, што реши да ги држи во тајност?, прашуваат од грчката влада.

Спираки, пак, говорејќи за грчките медиуми, рече дека со Заев се сретнала случајно кога одела на кафе.

Со соопштение за стенограмите излезе и Нова демократија и ги обвини Ципрас и Коѕијас дека на аматерски начин, уште од прв момент, управувале со конкретното национално прашање .

Од грчката опозициска партија велат дека од записниците се потврдува дека „владата во првата фаза од тајните преговори се согласила со неприфатливото име Илинденска Македонија“, се потврдува дека „опозицијата нема да се согласи за договор како оној од Преспа, ниту сега, ниту како следна Влада“.

– Но, најважното од сето она што го открива „Катимерини“ е дека целото раководство на Скопје констатира дека нивната земја нема да најде попогодна грчка Влада од онаа на Ципрас. Навистина е неверојатно дека Владата на Ципрас и Каменос е подготвена да склучи набрзина договор, отстапувајќи „македонска” националност и јазик на Скопјаните, коментираат од Нова демократија.

Од грчката Влада со ново соопштение уште еднаш ги поставија истите прашања околу средбата Заев – Спираки и рекоа дека чекаат одговори од Нова демократија.

А одговори за средбата бараат и од партијата Движење на промена.

Стенограмите од двете лидерски средби во Македонија ги објавија германскиот весник „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ (ФАЗ) и грчкиот весник „Катимерини“.