Вистински череп пронајден во продавница во Флорида

109

Официјалните лица на Флорида се обидуваат да најдат одговори откако во продавница за половна стока се појави мистериозен череп, што е најмалку вторпат во последните години вистински човечки череп да биде пронајден во “second hand” продавница во оваа сојузна држава.

Канцеларијата на шерифот на округот Хернандо објави во петокот на Фејсбук дека черепот бил дониран на 16 мај во продавницата за половна стока “Jericho Ministries Thrift Store“ во Бруксвил, околу 65 километри северно од Тампа. Властите побараа помош од јавноста за идентификување на лицето кое го „оставило она за што можеби се верувало дека е украсен череп (но, всушност бил вистински череп) заедно со други предмети“, напиша канцеларијата на шерифот. Черепот бил оставен во продавницата меѓу 11 и 12 часот. Како што пренесуваат медиумите од Флорида,  детективите работат на идентификација и разговор со лицата вклучени во случајот, соопштија официјалните власти.

Шокантното откритие доаѓа неколку години откако една антрополошка истражувачка, прегледувајќи го одделот со украси за Ноќта на вештерките во продавница за половна стока во Форт Мајерс, во 2023 година пронајде вистински човечки череп меѓу декорациите. Експертката Мишел Калхун веднаш ја известила Канцеларијата на шерифот на округот Ли, која испратила детективи да истражат. Властите подоцна потврдија дека черепот навистина е вистински. Сопственикот на продавницата и кажал на полицијата дека черепот бил пронајден во магацин што го купиле со години претходно. Властите тогаш соопштија дека случајот “не е од сомнителна природа“.