Познат уште по името Доностија, лоциран во Баскија, Сан Себастијан несомнено треба да ви биде на листата на туристички предизвици во животот. Идеално место за истражување во кое ќе пронајдете превкусна храна, архитектура која го одзема здивот и природа која ги заслепува сетилата.
Ова се само 10 причини зошто да го одберете Сан Себастијан како ваша следна патувачка дестинација:
Неговата неспоредлива убавина
Сан Себастијан е град со 186.000 жители, амфитеатрално поставен со поглед кон морето и признат низ целиот свет за изгледот на неговиот спектакуларен залив, познат под називот Бисерот на Кантабриското Море.
Неговата запрепастувачка убавина, космополитскиот изглед и квалитетот на воздухот ќе ги искусат сите оние коишто ќе го посетат градот, а се очекува дека во иднина ќе стане најдобрата дестинација за конгреси.
Неговата привилегирана географска поставеност
Градот има привилегирана позиција во Европа. Се наоѓа на само 20 километри од границата со Франција, а помалку од 100 километри од останатите баскиски главни градови.
Престојувањето во Сан Себастијан ќе ви овозможи да посетите легендарни градови и места како што се аристократскиот Биариц и познатиот Гугенхајм Музеј во Билбао.
Лесната пристапност до градот
Прилично едноставно може да дојдете до Сан Себастијан, без разлика кој вид на транспорт ќе го одберете. Има добра патна инфраструктура која постојано се подобрува, национални и интернационални железнички поврзувања со француската TGV и има свој аеродром.
Градот, исто така, е оддалечен на помалку од еден час возење со автомобил од двата интернационални аеродроми Билбао и Биариц.
Фактот колку е лесно да се снајдете низ него
Сан Себастијан има совршена големина за да го прошетате целиот пеш или со велосипед, што значи дека бизнис- туристите на конгресите можат лесно да се прошетаат од едно до друго место пеш и максимално да го искористат својот престој.
Градот има неколку пешачки зони, паркови, градини и спектакуларни места за прошетка покрај река, што прави многу лесно да се стигне до интересните делови со алтерантивни начини на транспорт.
Совршена дестинација за тим билдинг и бизнис настани
Сан Себастијан е еден од водечките градови во Шпанија за одржување на настани, благодарение на неговото долгогодишно организациско искуство и широката мрежа на инсталации.
Модерната инфраструктура, опремена со најновата технологија и врвните професионални тимови, го осигуруваат не само успехот на настанот, туку и тоа дека истиот ќе биде незаборавно искуство.
Неговата посветеност на квалитетот
Во Сан Себастијан ќе бидете сведок на енормен квалитет кој ќе ви го понудат туристичките сервиси, како и угостителските капацитети. Градот има преку стотина туристички сервиси, инфраструктури и ресурси коишто дефинитивно заслужуваат признание за нивниот квалитет.
Одличната гастрономска кујна
Градот е познат по својата храна насекаде низ светот. Има повеќе Мишелин ѕвездички по метар квадратен од кое било друго место во светот и е местото каде баскиската гастрономија се прероди преку движењето „Basque nouvelle cuisine“ (нова баскиска кујна). Квалитетот на неговите состојки ги насладува посетителите преку целата година.
Ексклузивните настани и забави
Сан Себастијан е место со несекојдневна убавина и нуди секаков вид на дополнителни активности коишто ќе го направат вашиот одмор поразличен.
Коктел-забавите, гала-вечерите и отворањата се ексклузивни настани коишто се одржуваат во објекти во англиски стил во познатиот залив Конча.
Неговата импресивна архитектура
Стилот Belle Epoque оставил убава трага на Сан Себастијан, град којшто е омилен за летните одмори на европските аристократи уште од почетокот на минатиот век.
Прекрасните згради како што е Gran Casino (денес познато како Ayuntamiento) и Palacio Miramar совршено се претопуваат во импресивните стаклени коцки на Kursaal и скулптурите на Eduardo Chillida и Jorge Oteiza.
Традиционалното и модерното се сплотуваат во еднакви делови без разлика каде и да погледнете во овој убав град.
Уметничките и културните настани
Уметнички, отворен, авангарден, креативен… се само неколку од квалитетите коишто му ја донесоа на Сан Себастијан титулата Европски главен град на културата во 2016 година.
Бројни светски познати фестивали како што е Интернационалниот филмски фестивал и Џез фестивалот, се рамо до рамо со секојдневните уметнички поставки во овој град коишто се изразени преку интензивната и разновидна програма на театарот и културните настани.