Заев-Меркел: Референдумот е врвен демократски чин

0
118

Премиерот Зоран Заев попладнево телефонски разговарал со канцеларката на Германија, Ангела Меркел. Од Владата соопштија дека Меркел дала поддршка на напорите на Владата и на општествено – политичката јавност во Македонија, за зајакнување на европските и атлантските перспективи на граѓаните на нашата држава.

„Канцеларката Меркел ја потврди поддршката на Германија за постигнатиот Договор меѓу Македонија и Грција, којшто го решава долгогодишниот спор, што беше главна пречка за членството на Република Македонија во ЕУ и во НАТО. Во таа насока заеднички е заклучено дека референдумот е врвен демократски чин и одраз на определбата на граѓаните за иднината на државата“, се вели во соопштението.

Заев ја информирал германската канцеларка Меркел за текот на подготовките за претстојниот референдум.

„Владата е силно посветена на организирањето фер, демократски и транспарентни услови за реализација на демократското изјаснување на граѓаните“, ѝ соопштил премиерот Заев на канцеларката Меркел.

Заев во телефонскиот разговор соопштил и дека Владата продолжува активно со реформските напори што одат во насока на исполнување на условите од заклучоците на Европскиот совет во јуни 2018 година, особено во делот на владеењето на правото, борбата против корупцијата и криминалот, како и реформите во јавната администрација и разузнавачките служби.

Премиерот и Меркел зборувале и за конкретни чекори за зголемување на економската соработка меѓу двете држави. Од Владата велат дека тие разговарале и за други актуелни билатерални и регионални прашања.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here