Заев ќе се обрати пред Европскиот парламент

776

Премиерот Зоран Заев денеска треба да се обрати на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур.

Заев синоќа на собирот во Крива Паланка најави дека во ЕП ќе зборува за перспективите на Македонија. Се очекува да се осврне и на договорот со Грција, претстојниот референдум и за реформите поврзани со интеграцијата на земјата во Европската унија.

Пред два дена во ЕП обраќање имаше и грчкиот премиер Алексис Ципрас. Тој ги истакна дипломатските успеси на неговата влада во регионот, нарекувајќи го Преспанскиот договор „врвот на нашите напори“.

– Со премиерот Заев успеавме да стигнеме до заеднички прифатливо решение без употреба на сила, туку преку дипломатија и дијалог. Овој договор може да биде модел за решавање на споровите во нашиот регион, изјави Ципрас пред европратениците.