За еден ден 13 анестезиолози поднеле оставки: Драма во Клиничкиот центар на Универзитетот во Сараево поради ужасните услови за лечење

136

Дури 13 анестезиолози во средата дале отказ во Клиничкиот центар при Универзитетот во Сараево, поднесувајќи барања за раскин на договорите.

“Тринаесет анестезиолози поднесоа оставки, па по седум дена известување тие ќе престанат да работат во Клиничкиот центар. Јас, како министер и влада, бев изненаден. Ветивме дека никој нема да остане без работа, бидејќи не дозволуваме еден вид мобинг да ги принудат луѓето кон тоа“, рекол Харис Враниќ, министер за здравство на кантонот Сараево, на седницата на окружното собрание, одговарајќи на прашања од пратениците кои барале појаснување за тоа што се случува во Клиничкиот центар.

Како главна причина за таквиот потег се наведува незадоволството поради лошите услови за работа, кои се однесуваат на лечењето на ковид-пациентите и користењето на таканаречените “Малина респиратори”, кои се сметаат за неадекватни. Станува збор за анестезиолозите кои пред еден месец пратиле писмо до раководството на “KCUS”, во кое предупредиле на катастрофалните услови за работа.

Писмото се појавило во јавноста и кренало голема прашина. Барањата на лекарите не биле испочитувани, а за состојбата на КЦУС била отворена и истрага и сите потписници биле сослушани во својство на сведоци. Медиумите наведуваат дека, во меѓувреме, на лекарите бил вршен голем притисок и биле терани да потпишат акт, со кој потврдуваат дека спорното писмо не е вистинито.

Поради новонастанатата ситуација, генералната директорка на КЦУС Себија Изетбеговиќ, инаку сопруга на лидерот на СДА Бакир Изетбеговиќ, свикала состанок со началниците на сите одделенија, а ќе биде одржана и седница на Владата на Кантонот Сараево за да се пронајде решение.

Федералниот министер за здравство Вјекослав Мандиќ порачал дека ќе побара извештај за околностите поради кои 13 од 17 анестезиолози поднеле дале откази. Посебно ќе се разгледува на кој начин ќе биде организиран процесот на работа во КЦУС.

Директорката на КЦУС, Изетбеговиќ, тогаш тврдела дека обвинувањата се неосновани и дека кинеските респиратори работат добро. Сепак, на федералниот премиер Фадил Новалиќ, министерот за финансии Јелка Миличевиќ и поранешниот директор за цивилна заштита Фахрудин Солак, како и Фикрет Хоџиќ, сопственикот на Сребрена Малина, кој работел како посредник при набавката на респираторите , во моментов им се суди за набавка на овие проблематични и преплатени машини.