Volkswagen дефинитивно крена раце од фабриката во Турција

82
Германскиот автомобилски гигант Volkswagen наводно дефинтивно се откажал од планот да изгради нова фабрика во Турција.

Volkswagen одлучи да ја напушти идејата за изградба на новата фабрика, за која конкурираше речиси половина Балкан, а на крајот беше одлучено да се гради во Турција. Оваа информација ја пренесува германскиот магазин Automobilwoche кој секогаш има добри информации од бизнис сферата во автомобилската индустрија.

Раководството на гигантот од Волфсбург уште во октомври минатата година одлучи да ги стопира понатамошните работи за реализација на одлуката за изградба на фабриката во Турција. Како причина за паузата во активностите тогаш беше посочена воената акција која ја покрена турската војска во Сирија. Одлуката за целосен прекин на сите планови и активности за изградба на новата фабрика во Маниса во вредност од 1,3 милијарди евра, е донесена како одговор на падот на побарувачка за нови автомобили во текот на пандемијата на коронавирусот.

Од Volkswagen засега одбиваат да одговорат на прашањата на новинарите на оваа тема, а исто така засега нема никакви информации околу евентуален избор на алтернативна локација за изградба на фабриката. Во меѓувреме, германскиот гигант вчера објави дкеа германските фабрики ќе завршат со принудната примена на праксата за скратено работно време, што беше изнудено со глобалното ширење на коронавирусот. Во согласност со тоа, производството се враќа во нормала.