Во тек е операцијата на Боки 13; Адвокатот Туфегџиќ: Интервенцијата е животозагрозувачка

438

Во тек е операција на Бојан Јовановски-Боки 13 во болницата „Св. Наум Охридски“ – Скопје, дознава „Макфакс“. Тој утринава бил однесен во операциона сала, каде што треба да му биде извршен оперативниот зафат. Адвокатот Владимир Туфегџиќ, полномошник на Боки 13, за „Макфакс“ ја потврдува информацијата и посочува дека станува збор за сложена интервенција, која е ризична и животозагрозувачка.

„По завршување на сите медицински испитувања, денеска, во Универзитетската клиника за хируршки болести ‘Св. Наум Охридски’ – Скопје, се извршува хируршка интервенција врз Бојан Јовановски од страна на тим од повеќе специјалисти хирурзи. Станува збор за исклучително сложена хируршка интервенција, која е високоризична и животозагрозувчка, на чии последици повеќепати навремено писмено укажуваа лекарите специјалисти од областа“, вели адвокатот Туфегџиќ за „Макфакс“.

Дека ќе дојде до операција, се навестуваше со месеци од страна на Боки 13 и неговиот адвокатски тим. Тие бараа хуман третман и да бидат почитувани мислењата од докторите од болницата „Св. Наум Охридски“ – Скопје, кои препишуваа терапија и рекоа дека состојбата не може да се санира во затворски услови. Адвокатот Туфегџиќ посочи дека операцијата можеше да се одбегне ако надлежните органи, односно Кривичниот суд и Управата за извршување санкции, постапеле правилно.

„Сето ова можеше да се одбегне доколку од страна на надлежните органи беше овозможен привремен прекин на издржувањето на казната затвор за да може пациентот да го спроведе задолжителниот строг медицински режим во домашни услови бидејќи тоа беше невозможно да се спроведе во пенални услови, а што во изминатите 7 месеци е констатирано во многуте медицински специјалистички извештаи на лекарите специјалисти од областа“, додава Туфегџиќ за „Макфакс“.

Прашан за тоа каков исход се очекува, но и колку ќе трае операцијата, адвокатот посочува: „Поради комплексноста, карактерот и сериозноста на севкупната состојба, во овој момент не може да споделат повеќе информации“.

Пред еден месец на Боки 13 му беше одбиено барањето од Кривичниот суд за прекин на казната. Истакна и жалба на решението за која однапред посочи дека очекува да биде одбиена по што и таква одлука беше донесена – тој да остане во затворот. До јавноста беа испратени и низа конзилијарни мислења, а во едно од нив потпишано од десетина доктори стоеше: „Во смисла на сериозноста, карактерот и интензитетот на болеста, кај пациентот се препорачува и се дава задолжително упатство за понатамошно лекување и третман, што би значело лекување исклучиво во домашни услови, веднаш и неодложно по завршување на болничкото лекување бидејќи пациентот со ваква здравствена состојба и опишаните ризици од неа, медицински е недозволено да се лекува во пенални услови“. Овој документ го добиле и во Кривичниот суд, но и во Управата за извршување санкции при одлучувањето по однос на прекинот на казна.

Во средината на февруари Боки 13 беше вратен во затворот. Адвокатите алармираа дека е во претканцерогена состојба и дека таа ќе се влоши. Тие доставија и хистопатолошки наод од Институтот за патологија при Медицинскиот факултет во Скопје, каде што се констатира: „Наодот одговара за хроничен гастритис со фокуси на интестинална метаплазија“.

Бидејќи немаше институционална реакција, а осудениот остана во затворот „Идризово“, Боки 13 побара реакција и од Амбасадата на САД.  За тврдењата дека е цел на тортура, за наводите дека има криминално постапување од страна на Кривичниот суд, но и дека располага со сензитивни податоци за криминал што го правеле највисоките државни структури, ги известил Амбасадата на САД и амбасадорката Анџела Агелер. Неговиот адвокатски тим копија од писмото испрати и во јавноста, каде што наведува дека се бара од Амбасадата и од амбасадорката да го посетат Боки 13 во затворот.

На почетокот од март до јавноста беа доставени и медицински белешки со потписи и печати од разни доктори од итната медицинска помош по прегледи направени во затворот. Правниот тим на Боки 13 посочи: „11 лекари од брзата помош утврдија дека Боки 13 не може да се лекува во затворот“. Во нив, според нив, стои дека Боки 13 не може да ја добива препишаната терапија во тие услови, а таму ниту може да има хигиено-диететски режим, потребен за подобрување на неговата здравствена состојба.

На средината од месец март преку ново соопштение од правниот тим се алармира дека поради линчот и тортурата, здравјето на Боки 13 му е во алармантна состојба. Тие прашаа: „Кому му одговара да умре?“ Потсетија и на претходните ставови дека третманот што го има Боки 13 го носи само кон операција која може да има и смртен исход, а за која докторите им посочиле дека не може да гарантираат за успешноста.

Истиот ден Кривичниот суд за „Макфакс“ посочи дека ја одбил жалбата на Боки 13 со која бараше прекин на казната поради влошената здравствена состојба.

На средината на март првпат во јавноста се обрати мајката на Боки 13, Јасминка Јовановска. Посочи дека Боки 13 е во лоша здравствена состојба поради тоа што е цел на изживување, малтретирање и тортура. Најави дека за ваквите последици врз неговото здравје одговорност ќе бара од инволвирни лица.

„Како мајка и родител, на ниедна мајка и родител не им го посакувам ова пеколно и злосторничко однесување кон чие било дете, затоа упатувам апел до јавноста за човечност и разумност во овие чувствителни моменти“, напиша таа, а зад писмото се потпиша и нејзиниот сопруг Миле Јовановски.

Адвокатот Туфегџиќ испрати и ново барање до Кривичниот суд за прекин на казната на Боки 13. Адвокатот посочи дека Кривичниот суд и Управата за санкции знаеле за последиците што Боки 13 може да ги има ако не се почитуваат лекарските мислења кога донеле одлука да не дадат прекин на казната.

Боки 13 одново беше хоспитализиран во болницата „Св. Наум Охридски“ на 17 март. Од правниот тим беше известено дека ќе биде опериран бидејќи тоа веќе е неизбежно, а хирурзите што ќе го извршат оперативниот зафат се оградуваат од ризикот и одговорноста, а сето тоа поради нејзината сложеност.