Во светот се шири паника, британскиот мутант на коронавирусот пламнува и ги напаѓа и децата!

121
Новиот сој на вирусот не е поубиствен од „оригиналот“, но е многу позаразен и што е најстрашно, изгледа дека многу повеќе ги заразува децата.

Новиот мутиран вид на коронавирусиот, чија инфективност е 70 пати поголема од оригиналната варијанта, полесно се пренесува на децата! Научниците во Велика Британија, земјата во која се појави новиот сој на вирусот, го регистрираа овој  загрижувачки податок.

– Се чини дека новата варијанта повеќе ја шири инфекцијата кај децата. Не ја утврдивме врската, но тоа може да се заклучи од статистичките податоци – изјавил професорот на „Империјал колеџ“ од Лондон, Нил Фергусон.

Досега, децата беа претежно поштедени. Но, загрижувачките наоди за поголемата преносливост на мутантот кај најмладите ги натера научниците грозничаво да ги продолжат истражувањата за тоа како се однесува вирусот. Засега се знае дека новиот мутант, иако позаразен, не е поубиствен од „оригиналот“, па нема причина да се верува дека постоечките вакцини нема да бидат ефикасни против него.

Но, научниците не се сосема сигурни во тоа. Европската агенција за лекови соопшти дека априори ништо не потврдува дека, засега, единствената одобрена вакцина „Фајзер-Бионтек“, не е ефикасна. Во оваа лабораторија, како и во „Модерна“, која е следна за одобрување, набрзина се тестираат ефективноста на вакцината против новиот мутант, користејќи примероци на крв од веќе вакцинирани лица за време на прелиминарните тестови. Во „Модерна“ посочуваат дека ќе извршат дополнителни тестови во текот на следните недели.

Во меѓувреме, во светот се шири паника, а Велика Британија е практично изолирана. По 48-часовна целосна блокада, Франција, преку која се одвива најголемиот сообраќај на стоки и луѓе со Островот, ги отвори своите граници од средата на полноќ, за да не предизвика хуманитарна катастрофа, но премините се строго контролирани. Само Французите и Британците кои живеат во оваа земја имаат право да влезат на територијата на Франција од Велика Британија. Покрај тоа, потребен е тест и нема слободни термини, освен за приватни лица за дури 400 фунти.

Кина најави дека ќе ги прекине директните летови од и до Велика Британија. „По многу размислување, Кина одлучи да ги следи другите земји и да ги прекине летовите од и до Велика Британија“, изјави претставник на владата за агенцијата Ројтерс. Британскиот министер за транспорт, пак, ги запре летовите и пристигнувањата од Јужна Африка.

Откако Северна Ирска потврди дека се појавил позитивен тест со новата варијанта на коронавирус, кој е регистриран во Велика Британија, се огласи и Израел. Зејата потврди дека од четири, тројца пациенти неодамна пристигнале од Велика Британија, а потеклото на четвртиот сè уште не е утврдено.

“Во последните два дена се обидувавме да провериме дали мутацијата од Велика Британија се инфилтрираше во Израел. До пред неколку минути бевме оптимисти, а сега тоа расположение опадна заради информациите што доаѓаат од нашата лабораторија“, рече министерот за здравство, додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека откривањето нови случаи само ја потврдува одлуката на властите дека треба да се прекине воздушниот сообраќај од и до Велика Британија.

И во Сингапур е регистриран новиот сој на коронавирусот. Властите во Сингапур го потврдија првиот случај на новиот, позаразен вид на коронавирус, што првпат се појави во Англија. Според Министерството за здравство, станува збор за тинејџер (17), кој студирал во Велика Британија, а националната лабораторија за јавно здравје испитува можни нови случаи на ковид-19 од патници кои пристигнуваат од Европа.