Во прво лице со Катарина Ивановска: Вања личи на татко му, но се надевам дека ќе смени на мене!

6806

Катарина Ивановска е една од ретките домашни манекенки која може да се пофали со богато работно портфолио и успеси на светско ниво. Милано, Лондон, Њујорк, Париз… се само дел од дестинациите кои ја признаа и се поклонија на нејзината убавина, последнава година е на заслужена пауза, а причина за тоа е раѓањето на малиот Вања, кој го донесе на свет пред повеќе од една година. За него вели дека е најмирното и најслатко бебе, околу грижата за наследникот многу и помага и партнерот Цобе со кого е заедно долги години, а пред извесен период повторно стартуваше со работа и сними едиторијал во соседна Грција за познат светски бренд и со тоа го означи враќањето во светот на модата, пишува Вечер.

Пред една година се реализиравте во улогата на мајка и на свет го донесовте Вања. Ве промени ли мајчинството, каква бевте пред раѓањето на Вања, а каква сте денес?

Катарина: Ме промени во однос на обврските што секој родител ги има спрема своето дете. Од моментот кога Вања дојде на свет безгрижноста заврши и тој од сега па понатаму е преоритет. Ниту мојот партнер, ниту јас не сме од оние родители кои се затвараат после дете дома и забораваат на сопствениот живот. Вања уште повеќе ни го разубави и секој миг уживаме со него.

Какво бебе е Вања, потсетува ли на Вас? Како изгледа еден Ваш ден?

Катарина: Вања личи на татко му, но се надевам дека ќе смени на мене (ха, ха). Многу често нашите пријатели знаат да ни кажат ви се погоди бебето, но јас мислам дека се е тоа до енергијата која му ја пренесуваме од дома. Весело бебе кое сака да е помеѓу луѓе и ужива кога е надвор. Откако ке завршам со вежбање во 11 часот го преземам и нашите долги прошетки знаат понекогаш да траат и со часови.

После подолга и оправдана пауза повторно се вративте пред фотообјективите и почнавте со работа. Ви недостасуваа ли професионалните ангажмани овој период?

Катарина: Многу и едвај чекав да почнам да работам. Работата ја сакам и ме мотивира. Работам од 16 год и сега кога направив пауза недостасуваше дел кој ме правеше целосна, а тоа беше работата.

После само неколку недели од породувањето се вративте во форма и изгледате подобро од кога било. На што се должи тоа, колку килограми качивте за време на бременоста?

Катарина: Со секојдневно вежбање и дисциплина. Качив само 6 килограми, изгубив апетит иако се плашев дека ќе се здебелам зошто љубам да јадам (ха, ха). Јадењето ме прави среќна!

Ви помага ли партнерот околу Вања, како ви се поделени обврските, наоѓате ли време за себе?

Катарина: За среќа го имам најдобриот партнер, а Вања најдобриот татко. Не делиме обврски , некако ги правиме работите спонтано и заедно го бањаме, спремаме млеко, менуваме пелени… Време за нас секогаш имаме, често одиме на театар, кино и на вечери.

Во едно интервју имате изјавено дека уште прв пат кога сте го виделе Вашиот сегашен партнер и татко на Вашето дете сте знаеле дека токму тој е вистинскиот. Долги години сте заедно, како ја одржувате љубовта?

Катарина: Нема формула за одржување на една врска. Кога се сакаат двајца и се почитуваат , веруваат и се подржуваат во се, секогаш на крај завршуваат заедно.

Кои се Вашите идни професионални планови, дали веќе имате некои договорени ангажмани?

Катарина: Ова е прашање за мојата агенција, таа одлучува за ангажманите.Во мај ќе отпатувам во Милано каде имам неколку кастинзи, а што ќе се случува понатаму ќе видиме.