(ВИДЕО) Карантинот не се почитува секаде: Делови од празното Скопје пусти, некаде пак како да нема полициски час

1111

Во најголем дел од испразнетото Скопје, почетокот на ригорозниот викенд полициски карантин се почитува. Главниот град е пуст, делумно заради забраната за движење, а делумно поради фактот што завчера десетици илјади скопјани го напуштија градот.

Улиците се главно празни, но во зависност од тоа во која населба или општина сте. Ова е сликата од едната страна на реката Вардар,а од другата ситуацијата сосем поразлична. Алфа направи обиколка во деловите од Скопје, кои се најголемите жаришта на коронавирусот.

И овој карантински викенд во скопски Чаир е раздвижено покрај возилата кои се движат со дозвола, на улиците во оваа скопска општина можеше да се забележи и прекршување на полицискиот час.

Додека полицијата ја немаше никаде во споредните улички, една патрола стоеше на главната улица Цветан Димов. Сите кои беа застанати со нивните возила, имаа дозвола за движење.

Полицискиот час како да го немаше ниту во скопските населби Топана и Шуто Оризари. Улиците полни со луѓе.

Иако сликата на терен не е таква, заменик министерката за внатрешни работи, Славја Петровска вели дека полицијата ќе била доста ригорозна.

-Полицијата не може да ја замени совеста на секој од нас, ние ќе бидеме навистина ригорозни во спроведувањето на мерките и ќе се трудиме законот да биде спроведен подеднакво за сите граѓани, изјави Петровска.

Одлуката да има 80 часовен полициски час во Скопје, Тетово, Куманово и Штип, беше донесена поради празникот Задушница и продолжениот викенд кој го имаат граѓаните.

По одлуката на Владата да забрани одење на гробишта овој викенд портите на градските гробишта Бутел за прв пат за задушница се затворени за верниците.