(Видео) 110.000 евра за осветлувањето на Црн Дрим! Екологистите ‘удрија’ по Мерко: „Еден значаен речен еко-систем личи на базен во хотел во Саранда“

91

Со огномет, синоќа свечено беше пуштено осветлувањето на реката Црн Дрим, од струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.

Проектот, за кој Општина Струга инкасираше 110.000 евра го обои Дрим во повеќе бои, во сина, зелена, виолетова.

„Должината на коритото е 900 метри, додека арматурата за осветлување беше поставена од двете страни на коритото со должина од 1.800 метри. Исполнувајќи ги сите архитектонски барања, осветлувањето на речното корито се реализира во согласност со регулативата на нормативните технички стандарди. Проектот вклучува инсталација на арматура изработена од не’рѓосувачки челик“, соопшти Општина Струга.

Проектот беше поздравен од дел од граѓаните, но наиде и на негодувања и критики во јавноста. Екологистите уште пред официјално да биде осветлен Дримот реагираат дека се потрошени пари за кич и невкус, а дополнително сметаат светлата ќе прават штета врз живиот свет во реката.

„Естетски ова е одвратно. Еден значаен речен еко-систем личи на базен во хотел во Саранда, од каде е и инспирирано ова. Осветлувањето на речните води го менува циркадијалниот ритам на живиот свет (се губи чуството за ден и ноќ). Дополнителното осветлување го зголемува или изменува циклусот на раст на водните алги, што влијае врз квалитетот на водата во реката. Светлината го нарушува животот на рибите, особено чувство за ориентација, комуникација и растење. Осветлувањето ја зголемува температурата на реката. Загадувањето со светлина значително го намалува живиот свет во градските средини, со што го спречува нивното хранење, размножување и движење“, пишува Кирил Пржо.

Од Хидробиолошкиот институт велат дека Општина Струга од нив не побарала мислење дали ваквото освелување е штетно за живиот свет во реката.

„Нема место за критики од страна на екологистите, бидејќи осветлувањето воопшто не ја уништува флората и фауната, напротив уште подобро ќе изгледа како аквариум. Тоа ќе биде навистина добро за нас и за гостите кои се во Струга“, вели Мерко.

Тој им порача на сите кои го критикуваат проектот да уживаат во убавата глетка која, според него, го менува ликот на градот.

„Сите тие требаше претходно да се интересираат и да кренат глас за чистење на ова корито, кое не личеше на река туку личеше на канал. Во октомври го исчистивме целиот тој муљ кој беше со дебелина од половина до метар и пол на одредени места, така што се создадоа услови да имплементираме еден проект кој му дава нов лик на градот. Дрим заслужува и ноќе да биде осветлен бидејќи тука доаѓаат многу гости, тука сме и ние стружани кои навистина се гордееме и со Езерото и со Дрим. Ова е уште една атракција за привлекување туристи“, рече Мерко, потенцирајќи дека осветлувањето се реализира согласно регулативата за нормативно-техничките стандарди, а проектот вклучува инсталација на арматура, изработена од нерѓосувачки челик отпорен на корозија.