ВАРДАР ЗАВРШИ СО БОРОЗАН: РАКОТЕА Е НОВИОТ ЧЛЕН НА „ЦРВЕНО-ЦРНИТЕ“

729

Романскиот репрезентативец и актуелен лев бек на Висла Плоцк, Дан Емил Ракотеа, кој од следната сезона требаше да биде нов играч на унгарски Веспрем, ќе биде всушност засилување на македонскиот првак Вардар.

Веспрем и Вардар се договориле Романецот да дојде во Скопје како позајмен играч и со тоа да го пополни празното место по заминувањето на Вуко Борозан, кој веќе има слободни документи и од јуни дефинитивно заминува од „црвено-црните“ редови.

Ракотеа е играч, кој Веспрем го ангажираше во периодот кога Љубомир Врањеш беше стратег на клубот и тој најверојатно не се совпаѓа во концептот на Давид Дејвис, но затоа е ракометар, кој и тоа како му е потребен на Вардар.

Романецот (23 години, 202 сантиметри), игра и во двата правци, а особено е корисен во дефанзивната линија. Тој ќе биде во ротација со Сергеј Горбок и Кристијан Дисингер.

Во националниот тим на Романија, Ракотеа е од 18 години, а во клупската кариера има настапувано за Брашов и ЧСМ Букурешт, за во последните пет години да е во Полска.