Уште една жртва на коронавирусот, 26 нови заразени и девет излекувани

282

Министерството за здравство информира дека утрово на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје почина еден пациент на 79 години, од Дебар. Пациентот е дијагностициран позитивен на Ковид-19 на 23 март, а со влошена здравствена состојба хоспитализиран на клиниката во Скопје на 25 март.

Денеска од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје се испишани девет пациенти (осдум од Дебар и еден од Скопје) кои на два контролни теста на Ковид-19 имаа негативен резултат. Нивната здравствена состојба е добра и тие заминаа дома.

Во изминатите 24 часа се регистрирани 26 нови случаи на коронавирус во земјата. Целосен преглед за состојбата по градови Министерството најави дека ќе испрати дополнително бидејќи дел од потврдените се со работа во Скопје, но место на живеење во друг град, а анкетите се сè уште во тек.

Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 во земјата денеска до 12 часот изнесува 285 лица. Излекувани се 12 пациенти, а починати седум.

Со оглед на зголемениот обем на работа и информации и се поголемиот број на тестирања во повеќе лаборатории кои ги доставуваат своите извештаи до Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство известува дека од утре 31 март, Институтот за јавно здравје ќе ја доставува статистиката на денот за бројот на новозаболени до 15 часот за што Министерството за здравство веднаш ќе испрати информација до медиумите.

„Во овие моменти е неопходно е да имаме точни, проверени и прецизни податоци и за таа цел го поместуваме времето за известување. Прес конференциите остануваат да се одвиваат на редовна основа за сите дополнителни информации и прашања од страна на медиумите“, соопштија од МЗ.