Угостителите на средба со вицепремиерот Битиќи. Ќе има ли продолжување на работното време?

463

Претставници на угостителите денеска треба да имаат средба со вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

На средбата, како што најави Независната угостителска комора (НУК), ќе стане збор за петтиот пакет економски мерки и за поддршката на угостителската индустрија.

Се надеваме дека средбата ќе даде резултати и во рамки на можностите на Владата со новиот петти сет економски мерки, покрај угостителските работници, финансиска помош ќе добијат и сите зависни и засегнати индустрии, вели претседателот на НУК, Здравко Јосифовски.

НУК има информации дека ќе продолжи субвенцијата за плати во угостителската индустрија, но поддршката, посебно таа за платите, треба да трае до завршување на пандемијата. Според Јосифовски, со носење субвенции за еден или два месеца работата не е завршена.

Она што го знаеме е дека за угостителската индустрија ќе продолжи субвенцијата за плати. Очекуваме без услови секој угостител за секој вработен да ја добие соодветната поддршка за покривање на загубите во висина на 20-те милиони евра што ги баравме за сите 6.500 угостителски објекти, да се донесе одлука и да биде сукцесивно распределена од 1.000 до 5.000 по угостителски обејкт, истакнува Јосифосвки.

Субвенции, смета НУК, треба да има и за ноќните клубови, за рестораните кои организираат прослави и настани, но и за естрадните уметници кои се исто така загрозена категорија со оглед дека нивните настапи во корона кризата не се дозволени.

Угостителите вчера требаше да имаат средба со Битиќи, но тој не можел да присуствува, поради што неговиот Кабинет предложи состанокот да биде со некој од замениците на вицепремиерот. Ваквиот предлог беше одбиен од угостителите, по што следуваше договорот за денешната средба во 14 часот.