Трамп со јасна порака до Турција: Правите ужасна грешка, ние нема да попуштиме…

847

Американскиот претседател Доналд Трамп за британската новинска агенција „Ројтерс“ порача дека САД нема да прават никакви отстапки на Турција за американскиот свештеник да биде ослободен.

Како што вели Доналд Трамп, тој мислел дека постигнал договор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кога помогнал во убедувањето на израелските власти да ослободат еден заробен турски државјанин. Трамп тогаш помислил дека Ердоган ќе го ослободи американскиот свештеник кој што е обвинет за учество во воениот удар во Турција во 2016-та година.

„Многу е тажно ова што го прави Турција. Мислам дека прават ужасна грешка. Ние нема да попуштиме“, изјави Доналд Трамп во ексклузивното интервју за „Ројтерс“.

Трамп нареди воведување на царини на извозот на турскиот челик и алуминиум како одговор на одлуката на турските власти да не го ослободат свештеникот Брансон, но не е загрижен дека економската штета ќе се прошири и на Европа.

„Не сум нималку загрижен. Не сум загрижен. Ова е исправната работа“, одговори Трамп на прашањето дали постои можност економската криза од Турција да се префрли и на другите европски земји.

Што се однесува до Русија, американскиот претседател за „Ројтерс“ вели дека би ја разгледал можноста за укинување на санкциите, доколку Москва покаже интерес да разговара околу прашањата за Сирија и Украина.

Кога станува збор за можниот состанок со претседателот на Иран, Хасан Рохани, нешто за што Трамп зборуваше порано во текот на овој месец, американскиот претседател изјави дека е во ред ако сака да се сретне, но ако не сака, порача дека „воопшто не му е грижа за тоа“.