Трагедија во Кина: Мечките го изедеа чуварот во зоолошка пред шокираните туристи (ВИДЕО)

114
Мечки убија работник во зоолошката градина во Шангај пред туристи кои го гледале нападот од автобус, пренесува Би-Би-Си.

Несреќата се случила во саботата во дел од зоолошката градина наречена „област на дивиот ѕвер“.

Видеото од инцидентот, на кое се гледа како група туристи викаат додека го гледаат нападот на мечките, се прошири на кинеската социјална мрежа Веибо.

Зоолошката градина во Шангај на својата веб-страница соопшти дека „им е исклучително жал што се случила ваква трагедија“, додавајќи дека „им се извинуваат на туристите за предизвиканата непријатност“.

„Областа на дивиот ѕвер“ е привремено затворена, а зоолошката градина објави дека ќе ги засили безбедносните мерки.

Тоа е област на зоолошката градина каде што животните шетаат слободно наоколу, а посетителите можат да влезат само со автобус.

Инцидентот предизвикал бура од коментари на социјалните мрежи, а многумина тврдат дека мечката се однесувала како што се однесуваат дивите животни и дека единственото решение било затворање на зоолошката градина.

Нападите на животните врз работниците во зоолошката градина во Кина се ретки, но се случуваат, додава Би-Би-Си.