СЗО: Повиците за стратегија на имунитет на стадо се неморални

472

Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Гебрехесус ги отфрли повиците за градење имунитет на стадо како одговор на пандемијата со Ковид-19, нарекувајќи го таквиот приод неетички.

Имунитетот на стадо, односно колективниот имунитет, се случува кога голем дел од заедницата станува имуна на одредена болест преку вакцинација или преку масовно ширење на болеста. Дел од јавноста претходниов период спореше дека треба да се дозволи коронавирусот да се шири природно во недостаток на вакцина.

Гебрегесус, сепак, таквата стратегија ја нарече „научно и етички проблематична“. Тој потенцираше и дека долгорочните последици од вирусот, како и силата и времетраењето на стекнатиот имунитет и понатаму е непозната.

„Имунитетот на стадо се добива преку заштита на луѓето од вирус, не преку нивно изложување на него. Никогаш во историјата на јавното здравство имунитетот на стадо не бил користен како стратегија на одговор за зараза, а камо ли на пандемија“, рече Гебрехесус.

Тој на пресконференцијата посочи и дека тестовите за серопреваленција, каде се тестира крвта за антитела, покажале дека само околу 10% од граѓаните во најголем дел од земјите биле изложени на коронавирусот.

„Да се дозволи Ковид-19 да циркулира неконтролирано би значело непоребни инфекции, страдање и смрт“, додаде Гебрехесус.

Досега се регистрирани повеќе од 37 милиони случаи на позитивни на Ковид-19 низ светот по почетокот на пандемијата, а повеќе од еден милион луѓе досега починаа од вирусот.

Иако преку стотина вакцини во моментов се во развојна фаза, дел од нив во напредни тестирања, ниту една од нив засега не доби меѓународно одобрување за употреба.