Супер моделот Летиција Каста ќе снима филм во Битола

831

Швајцарско -белгискиот долгометражен филм “Зад хоризонтот” (Le Milieu De L’Horizon), во кој глуми убавата француска актерка и супер модел на “Викторија Сикрет” Летиција Каста, од 20 јули до 24 август ќе се снима во околината на Битола.

Убавата Летиција Каста, заштитното лице на познатата козметичка куќа Л’Ореал, која во 1996 стана модел на модната куќа “Викторија Сикрет”, а неколку години подоцна и една од петте ангели на Викторија заедно со Тајра Бенкс, Хајди Клум, Карен Молдер и Стефани Симор, досега има играно и во повеќе филмови, ТВ серии и театарски претстави. Во 1999 таа глуми во францускиот блокбастер и најскапиот филм во француската кинематографија “Астерикс и Обеликс против Цезар” заедно со Жерар Депардје, како и во ТВ-серијата “Синиот велосипед”, во филмовите “Дивите души”, “Французинки”…

Покрај Каста, која ги красеше насловните страници на сите врвни светски модни магазини и учестуваше во ревиите на најпознатите модни дизајнери, во филмот глуми и актерката Клеманс Поеси, која играше во серијалите за волшебникот Хари Потер и телевизиските серии „Озборувачка“, „Гениј“, „Војна и мир“…

Инаку, филмот е копродукција помеѓу „Бокс продакшн“ од Швајцарија и „Entre chien et loup“ од Белгија. Режисер на ова филмско остварување кое е финансиски поддржано од Еуримаж е Делфин Леерисе, а носител на филмскиот сервис е македонската продуцентска куќа „Кино Око“.

“Со оглед на големите актерски имиња и сериозноста на продуцентските куќи кои стојат зад голем број успешни филмови, сметаме дека овој филмски проект ќе биде од големо значење за промоција и афирмација на Македонија како дестинација за сниманје филмови”, велат од „Кино Око“.
Филмот ги користи поволностите на Законот за филмска дејност во делот на поврат на финансиски средства.