Луис Суарез ја освои титулата во шпанската Примера во својата прва сезона во Атлетико Мадрид, успех кој предизвика неизмерни емоции кај Уругваецот кој плачеше на теренот на „Ванда Метрополитано“ по сето она што го доживеа во изминатите десет месеци.
Искусниот напаѓач беше отфрлен од Барселона и му беше порачано да си бара нова средина како играч кој веќе нема што да понуди на највисоко ниво, но само осум месеци подоцна, тој беше херојот на Атлетико во самата завршница од Ла Лига со два гола за пресврт против Осасуна и Валјадолид.
Суарез има навистина лоши спомени од претходната управа на Барселона која направи да си замине на мала врата од „Камп Ноу“, но ги коментираше и новите случувања кои ги планира новата гарнитура предводена од Жоан Лапорта. Во последно време, се погласни се гласините дека Кун Агуеро ќе биде нов напаѓач на Барселона, па по најавата на Пеп Гвардиола, денеска каталонските медиуми објавија дека Аргентинецот во понеделник ќе пристигне на „Камп Ноу“.
– Сега во Барселона има нов претседател, нов борд на директори, тоа се други луѓе. Тие се во потрага на квалитетни играчи, а Агуеро сигурно е таков.
– Кун има одличен однос со Лео, но никој не може да вели дека доаѓа само поради тоа. Никој не може да спори каков квалитет поседува Агуеро, тој може да и понуди многу на Барселона. Ја поддржувам одлуката за негово доаѓање, – вели Суарез.











![[ВИДЕО/ФОТО] Нови спектакуларни снимки од Месечината и Млечниот Пат](https://www.mkvesti.mk/wp-content/uploads/2026/04/Qmeo5-screenshot-4-218x150.png)



















