Српските старлети повикани во полиција: Пронајдени се морничави фотографии во нивните телефони?

608

Српската полиција дојде до нови докази против озлогласената криминална група на Вељко Беливук, откако кај приведените старлети наводно биле пронајдени стравични фотографии од измачување на жртвите на Беливук.

Полицијата и Обвинителството за организиран криминал успеале, освен материјални докази, да дојдат и до клучни докази против уапсениот Вељко Беливук, попознат како Веља Невоља, во текот на вештачењето на телефоните на негови соработници.

Старлетите Тијана Максимовиќ и Милица Живановиќ познати како Тијана Ајфон и Мими Оро, беа приведени во вторникот во Службата за борба против организиран криминал, каде поминале неколку часа на сослушување во врска со нивната наводна поврзаност со кланот на Беливук.

На сослушувањето, во телефонот на една од двете старлети наводно биле пронајдени фотографии од унакажани луѓе.

„Кај една од девојките во телефонот беа пронајдени клучни докази против овој клан. Наводно, на фотографиите се наоѓаат исчезнатите и брутално убиени навивачи – Здравко Радојевиќ и Горан Величковиќ Гокси, како и „пинк пантерот“ Милан Лепоја. Девојката се товари дека е дел од екипата која ги перела парите заработени за Беливук“, открива извор за српски „Курир“.

Според истиот извор, старлетите добивале пари од Беливук, па тој ги наговарал да прават разни работи, од разнесување на дрога и други пратки, па се до перење на пари. Се претпоставува дека тие ги намамувале жртвите да дојдат до одредено место каде што ги пречекувала екипата на Беливук и ги измачувала.

Вељко Беливук и Марко Миљковиќ беа уапсени на 4-ти февруари под сомнение дека организирале криминална група која извршила низа на криминални дела, а делувала под закрила на навивачката група „Принципи“. Покрај нив, уапсени се уште дваесетина припадници на оваа група, а меѓу нив се најдоа и двајца полицајци.

Во сефовите кои биле пронајдени во тајни викендички и станови, наводно била пронајдена дрога, опужје и муниција. Групата се товари за киднапирања и грозоморни убиства кои ја шокираа Србија и регионот.