Спасени четири бебиња верверички кои паднале од дрво на Водно

371

Четири малечки верверички, три машки и едно девојче паднале од дрво на падините на Водно, биле спасени од совесен граѓанин и сега се наоѓаат во Зоолошката градина во Скопје. За нив се грижат вработените во зоолошката, ги хранат со шприц, а тие спијат на топло, завиткани во зимска капа.

Портпаролката на ЗОО Скопје, Тина Мицковска, за „Макфакс“ ја раскажува приказната за малите верверички, новите членови на зоолошката.

„Човекот ги здогледал паднатите верверички и со часови ја чекал мајката, но неа ја немало, а малите биле во опасност да бидат нападнати од птици. Колегите Кристијан и Бојан веднаш отидоа да ги земат, а колешката Кате ги зеде дома. Овде сите имаме искуство со мали бебиња животни – кучиња, мачиња, лемури, мајмуни, лисици, лавче, кенгури па така го знаеме и рецептот за успешно хранење. Се хранат на секои два часа со специјално бебешко млеко во прав, кое го даваат и мајките кои немаат млеко по пораѓање“, вели Мицковска.

Верверичките полека почнале да ги отвораат очите, а на ваков режим на исхрана ќе бидат сè додека не почнат самостојно да се хранат.

„Имаме три момчиња и едно девојче, а колешката Кате веќе го крсти најнемирното – го доби името Рипко. Во периодот што следи сигурно ќе имаме многу непреспани ноќи, ете Кате прва го искуси тоа, но вреди за овие најслатки верверички да пораснат и да им се придружат на групата верверици кои живеат во Скопје ЗОО и се хранат со лешничиња и бадемчиња од дрвата низ градината“, вели Тина.