Со новата канцеларија во Скопје, македонско-американскиот стартап Слајс вработува 400 луѓе во државата

699

Slice Life, американскиот стартап ја отвори третата канцеларија во Македонија. Отворањето на петтата канцеларија, покрај Њујорк, Дебар, Охрид и Белфаст, за компанијата претставува проширување што ќе овозможи натамошен раст затоа што во Македонија е оперативната база од каде се одвиваат останатите активности во САД и Ирска. Со последното проширување бројот на вработени во Слајс во државата се приближи до 400, а проекциите на компанијата се 600 до крајот на 2019 и 1000 до 2020 година.

„Канцеларијата во Скопје значи нова можност за проширување на Слајс и е создадена да одговори на зголемената побарувачка и очекувања кои доаѓаат од глобалниот пазар. Нашата услуга овозможува раст и развој на илјадници мали, локални бизниси, помагајќи им да ги задоволат барањата на своите клиенти и да се натпреваруваат на пазарот што е несразмерно доминиран од големите ланци на пица ресторани. Како резултат на тоа, денес сме партнери со 11.000 ресторани за пица што опслужуваат милиони љубители на пица секоја година, на пазар во вредност од 144 милијарди долари на глобално ниво и 46 милијарди долари само во САД. Со македонскиот талентиран и извонреден тим, ние сме подготвени да ги исполниме новите предизвици, а со плановите за натамошните вработувања во државата, нашата визија е да станеме еден од најголемите работодавачи во земјата за многу брзо време“, изјави Илир Села, основач и сопственик на Слајс.

Успехот на Слајс се должи на иновативниот бизнис модел преку кој компанијата создаде дигитална платформа за правење онлајн нарачки и тоа на мали, локални пицерии. Оваа услуга се покажа како многу корисна и за двете страни, кај купувачите заради прецизноста на нарачката без можност за грешка, а кај пицериите заради тоа што ги внесе во дигиталната сфера, ги направи конкурентни со големите ланци пицерии и им овозможи зголемување на бизнисот 4 до 6 пати. Исто така, компанијата  дава целосни услуги при одржување онлајн присуство на сите партнери овозможувајќи им на корисниците брзо и ефикасно пребарување и пристап до нивните менија, истражување на пазарот, склучување нови партнерства, оптимизација на веб страните на постоечките партнери, како и интеграција со GoogleMyBusiness.

Со отворањето на канцеларијата во Њујорк, Слајс паралелно ја отвора и канцеларијата во Дебар, а потоа во Охрид па во Белфаст. Целата оперативност на компанијата и услугата што ја нуди се доверени на талентираниот млад македонски кадар од различни области, способен да ги задоволи потребите на инвеститорот.

Затоа што Слајс целосно се потпира на македонските кадри од различни профили, компанијата со цел да ги поттикне младите на повисока едукација потпиша Меморандуми за разбирање со три македонски универзитети – со факултетот за Информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот Св. Кирил и Методиj во Скопје, со Универзитетот во Тетово и со Универзитетот на Југоисточна Европа, коишто предвидуваат различни видови соработка, во различни области. Соработката, освен што претставува помош во развојот на научно-наставната програма, ќе овозможи и создавање кадар кој е потребен на компанијата за нејзин натамошен развој и ширење.

Сподели!